Фото: ЕПА

Околу илјада луѓе загинаа откако циклонот Чидо го погоди островот Мајот во Индискиот Океан.

– Мислам дека има неколку стотици мртви, можеби ќе се приближиме до бројката од 1.000 или уште повеќе илјади – изјави префектот на Мајот, Франсоа-Ксавиер Биевил и истакна дека во моментов е тешко да се знае точниот број на загинати, пренесува Скај њуз.

Чидо предизвика голема штета во саботата, при што беа погодени и блиските острови Комори и Мадагаскар.

Метеоролозите од Метео-Франс велат дека ова е најсилната бура што ги погодила островите во повеќе од 90 години. Ветер од 200 км/ч уништил бројни згради и им ги симнал покривите.

Сиромашните, кои живеат во импровизирани населби, се најпогодени од пустошот што го донесе циклонот Чидо. Сиромашните заедници во Мајот, вклучително и мигрантите без документи кои дошле на оваа француска територија да бараат азил, се особено погодени, бидејќи живеат во куќи направени од лесни материјали.

Мајот во голема мера се потпира на француската финансиска помош и долго време се бори со сиромаштијата, невработеноста и политичката нестабилност. Околу 75 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија, а секој трет човек е невработен.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека размислува за „сонародниците во Мајот, кои поминаа низ најстрашните часови и меѓу кои некои изгубија сè, ги загубија животите“.

Некои француски хуманитарни работници и спасувачи стигнаа до Мајот, но напорите да се дојде до одредени делови од територијата се уште се во тек.

Мајот е француски остров во Индискиот Океан. Се наоѓа на север од Мозамбичкиот канал на брегот на Југоисточна Африка, помеѓу Мадагаскар и Мозамбик. Мајот се состои од два главни острови: Гранд Тере и Петит Тере.

Околните Комори покриваат три мали вулкански острови. За разлика од Мајот, Коморите прогласија независност од Франција во 1975 година.

Во Мајот живеат околу 320.000 луѓе.

Претходно оваа година, Би-Би-Си објави за стотици мигранти кои пристигнуваат во Мајот секоја недела, многумина од Коморските Острови.