Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека евентуалното испраќање британски војници во Украина нема да придонесе за завршување на конфликтот, туку ќе доведе до негово продолжување, пренесе МИА.
Изјавата беше пренесена од британските медиуми.
Франција и Велика Британија минатиот месец потпишаа декларација со која се предвидува можност за распоредување мултинационални сили во Украина, но само по постигнување прекин на огнот со Русија.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили неодамна истакна дека сака да биде првиот министер кој ќе испрати британски трупи во Украина.
– И покрај заблудата на Хили, распоредувањето на британски трупи во Украина нема да значи крај на војната, туку продолжување на конфликтот и зголемување на ризиците од воен судир од големи размери во кој ќе бидат вклучени многу повеќе земји – нагласи Захарова.
Таа повторно предупреди дека Русија ќе ги смета сите странски војници во Украина за легитимни цели.
– Британците продолжуваат да покажуваат активен интерес за зачувување на изворот на нестабилност во нашиот регион. Тие на секој начин спречуваат долгорочно и одржливо решавање на кризата – додаде Захарова.

































