Американската телевизија Фокс њуз го означи вчерашниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин како „разговор на векот“
Погледи, ставови и анализи по завршениот разговор помеѓу претседателот на САД и претседателот на Русија
Во својата информација со наслов „Путин се согласи на 30-дневен прекин на атаките на енергетските постројки, но нема целосен прекин на огнот во Украина“, по двочасовниот разговор меѓу двата лидера, информативната агенција „Ројтерс“ објави: „Трамп навести дека постојаниот мировен договор може да вклучи територијални отстапки од Киев… Русија го зазеде Кримскиот Полуостров од Украина во 2014 година и повеќето од четирите источни украински региони по нејзината инвазија во 2022 година. Таа контролира околу една петтина од украинската територија. Путин рече дека Русија мора да ја задржи контролата врз украинската територија што ја зазеде… Натамошните преговори ќе започнат ‘веднаш’, соопшти Белата куќа…“.
Многу елементи од разговорот Трамп-Путин претходно веќе се усогласени
Пред да го одржи телефонскиот разговор со Путин, Трамп наведе на својата платформа Општествена вистина дека „многу елементи“ на конечниот договор претходно веќе биле усогласени, но и оти „за многу елементи останува да се договараат“. „Територијалните отстапки“, кои ги бара Трамп од украинскиот претседател Владимир Зеленски, се негов потег, за кој влијателни и релевантни светски медиуми во свои анализи оценуваат дека е „потег што ќе го сврти светот наопаку, сѐ поради Русија“.
За што станува збор? Според влијателниот американски политички портал „Семафор“, „администрацијата на Доналд Трамп активно го разгледува потегот да го признае Крим како дел од Русија и наскоро би можела официјално да го признае Крим како дел од Руската Федерација, сето тоа во рамките на мировниот договор поврзан со Украина“. Се наведува дека тоа е уште еден потег на администрацијата на Трамп да ја убеди Москва да се согласи на мировен договор со Украина.
Во статијата со наслов „Трамп размислува да го признае Крим како руска територија во обид да стави крај на војната“, „Семафор“ објави: „Администрацијата на Трамп размислува да го признае украинскиот регион Крим како руска територија како дел од секој иден договор за ставање крај на војната на Москва против Киев, според две лица запознаени со ова прашање. Претставници на администрацијата на Трамп укажаа на можноста САД да ги повикаат Обединетите нации да го сторат истото тоа, според обајцата. Таквото барање ќе ја усогласи администрацијата на Трамп со позицијата на рускиот претседател Владимир Путин, кој долго време го гледа Крим како територија на неговата нација. Трамп формално не донел никакви одлуки, а можниот потег во врска со Крим е дел од мноштвото опции што се нудат додека неговата администрација се залага за крај на војната“.
Телефонскиот разговор Трамп-Путин, како подготовка за претстојната нивна директна средба лице в лице и можното официјализирање од страна на САД на „територијалното прекројување“ на постојните граници на Украина во полза на Русија и Путин, би можел да предизвика крупни геополитички последици за одделни држави на европскиот континент. Потегот што, наводно, „Трамп веќе активно размислува да го преземе“, би можел да „отвори врата“ и за барањата за „цртање“ нови граници во Европа и, се разбира, сфери на влијание во Европа, во која се наоѓа и Република Македонија… П.Р.
За Русија е „завршена работа“ дека украинските региони Крим, Херсон, Запорожје, Донецката Република и Луганската Република веќе се „дел на руската територија“
Анализа на „Њујорк тајмс“
„Јалта–момент“ кога големите сили ќе
ги определуваат границите во Европа
Во анализата со наслов „Разговорот на Трамп со Путин насочен кон тоа што ќе изгуби Украина“, која ја објави „Њујорк тајмс“ пред телефонскиот разговор Трамп-Путин, се оценува дека тоа е „првпат по конференцијата во Јалта во 1945 да има ново глобално среќавање на светски лидери заради меѓусебно одредување на зоните на сопствени влијанија меѓу САД и Русија“.
– Американските и руските лидери разговараат на ехото на конференцијата од Јалта од 1945 година за тоа кој што добива во процесот на завршување на војната во Украина. Зборувајќи за својот разговор со Путин, Трамп не ја спомена конференцијата во Јалта од 1945 година кога Черчил, Сталин и Рузвелт го поделија европскиот континент на западен дел, сојузен со САД и Западот, и источен дел, доминиран од Советскиот Сојуз, кои тогаш си создадоа и сфери на влијание. Во својот разговор Трамп и Путин ќе имаат нивен „Јалта–момент“ кога големите сили ќе ги определуваат границите во Европа – нагласи „Њујорк тајмс“ во својата анализа.
Во статијата со наслов „Вашингтон ја потврдува дискусијата за територијални отстапки од Киев“ рускиот весник „Взгљад“ пред три дена нагласи дека „официјална Москва веќе ги смета украинските региони Крим, Херсон, Запорожје, Донецката Република и Луганската Република како составен дел на државната територија на Руската Федерација и оти за нивниот статус нема повеќе разговор“.
– Белата куќа објави дека имало преговори меѓу претставниците на САД и Украина за можни територијални отстапки од Киев. Прес-секретарката на Белата куќа, Керолин Левит, на редовен брифинг изјави дека претставниците на САД и Украина разговарале за прашањето за територијални отстапки од Киев – пренесува ТАСС. Таа појасни дека за ова прашање разговарале тимот на американскиот претседател Доналд Трамп и Украинците. Трамп веќе изјави дека САД разговараат со Украина кои територии ќе бидат задржани, а кои ќе бидат изгубени како резултат на решавањето на конфликтот, но и за други аспекти од конечниот договор. Претходно Кремљ го означи статусот на Крим, Херсон, Запорожје, Донецката и Луганската Република како веќе завршена работа, додека Украина отпишувањето на Запорожје и Херсон го нарече „неприфатливо“ – објави руски „Взгљад“.
Значи, останува допрва да се види дали и навистина најновиот геополитички самит САД-Русија ќе ја официјализира промената и на досегашниот принцип на неменливоста на границите меѓу државите во Европа, односно конкретно во случајов со територијата на Украина, со можен одраз и врз „кроењето“ нови граници меѓу други држави во Европа… П.Р.
Драган Јањатов, поранешен амбасадор и член на Извршниот одбор на
Дипломатскиот клуб – Скопје, за „Нова Македонија“ во врска со телефонскиот
разговор Трамп-Путин:
Каква е веројатноста за постигнување мир во Украина и каква форма би имал тој?
– И покрај залагањата, оптимизмот и ентузијазмот на американскиот претседател Доналд Трамп со мировни преговори да ѝ стави крај на тригодишната руско-украинска војна, во овој момент најмногу што може да се очекува од оваа мировна иницијатива е некаков привремен прекин на воените дејства на украинска и на руска територија и почнување долг, тежок и мачен процес на преговори за модалитетите на постигнување можен конечен мир во оваа тешка и мошне опасна војна во средиштето на Европа.
Има причини да веруваме дека рускиот претседател Владимир Путин ќе настојува да ја искористи укажаната шанса што му се дава со изборот на Трамп за претседател на САД и спроведувањето на идеологијата на тампизмот. Голема е веројатноста и претседателот на Русија да е веќе изморен од последиците на оваа „специјална воена операција“, за која тој сметаше дека ќе ја заврши многу побргу и полесно, но очигледно не испадна така, бидејќи воениот судир доби облик на т.н. прокси-војна, во која се вклучи цела Западна Европа. Европа и светот се здружија против Русија, па затоа Путин мораше да побара сојузници и помош од Кина и од некои други азиски земји. Околу Украина и оваа војна се создаде еден широк сплет на безбедносни и економски интереси. Во војната се вмешаа водечките европски земји и целосно Европската Унија. Тоа и американската воена помош од администрацијата на демократите на Бајден со невидени размери не помогнаа Русија да се фрли на колена. Таа жилаво, со многу жртви и вложувања, успеа во своите намери да го спречи влегувањето на Украина во НАТО и, покрај полуостровот Крим, да завладее со една петтина од украинската територија, со областите Донецк и Луганск, сѐ до Харков и Киев. На тој начин Европа и светот сериозно се соочија со реална опасност од избувнување трета светска војна со нуклеарни последици.
Во ваква ситуација, Русија и Путин се во позиција да диктираат најголем дел од условите, прво за прекин на воените дејствија, а потоа за некое подолгорочно мирно решение и привршување на војната. Тој од модераторот Трамп ќе бара владеење не само на Крим туку и на целокупната окупирана територија (области) во Украина. Исто така во никој случај Русија нема да прифати во каква било форма членство на земјата во НАТО. Единствена отстапка Москва најавува за членство на Украина во ЕУ. Тоа не само што не ги задоволува барањата на Зеленски туку не им е по волја и на најголем број водечки европски земји и земји на ЕУ и нивните лидери, кои веќе најавуваат распоредување свои мировни мисии и „набљудувачки“ трупи во оваа земја. Тоа ќе биде најголемиот камен на сопнување во мировните преговори, ако за некакво чудо дојде до нив. Тој пат реално, за жал, ќе биде многу тежок и макотрпен. Пред американскиот претседател ќе се испречат голем број проблеми и предизвици во оваа речиси невозможна мисија. Идеологијата на Трамп е тотално во спротивност со доскорешната либерална на Бајден, која длабоко се разликува од „трампизмот со основните нишки како суверенизам, традиционализам, антиглобализам, како и ефикасно решавање/крај на воените жаришта во светот што придонесоа за прекини на синџирите за снабдување и глобална стаганција итн.“… Но да се стрпиме, па ќе видиме како ќе се развива овој процес… П.Р.