Фото: Пиксабеј

Шпанската полиција денеска соопшти дека ја разбила првата позната ќелија во земјата поврзана со американската неонацистичка група „База“ (The Base). Оваа група на белци супрематисти Европската Унија ја има означено како терористичка.

Уапсени се три лица, а едно лице, осомничено дека ја предводело групата, е задржано во притвор во покраината Кастељон.

За време на акцијата се запленети неколку парчиња оружје и муниција, повеќе од 20 ножеви, тактичка опрема и материјал поврзан со неонацизмот.

Во Шпанија расте влијанието на екстремната десница, а анкетите покажуваат сè поголеми симпатии меѓу младите за националистичките групи.

„База“, неонацистичка група основана во САД во 2018 година од Риналдо Назаро, промовира „акцелерационизам“, идеологија која се стреми да го забрза колапсот на демократските институции преку насилни напади.

– Лидерот на шпанската ќелија бил во директен контакт со основачот на групата, кој пред еден месец повика на консолидација на ќелиите распространети во неколку земји – соопшти полицијата.

Полицијата додаде дека осомничените биле длабоко радикализирани и дека спроведувале паравоени обуки. Исто така, изразиле подготвеност да извршат селективни напади и користеле социјални мрежи за регрутирање симпатизери.