Фото: ЕПА

Се интензивира судирот меѓу Израел и Иран

Изминативе три дена дојде до интензивна размена на ракетни проектили меѓу Израел и Иран. Тринаесет лица загинаа во иранските напади врз Израел што започнаа во петокот, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Меѓу загинатите има и три деца, девет лица се тешко повредени, 30 се со средно тешко повреди, а 341 добиле полесни повреди, се наведува во соопштението. Ирански дипломат, пред Обединетите нации соопшти дека се убиени 78 лица, а повеќе од 320 се повредени во првичните израелски напади. Државната телевизија на 14 јуни објави дека околу 60 лица, вклучувајќи 20 деца, се убиени во напад врз станбен комплекс во Техеран.
Нападите следуваа по голем израелски удар врз ирански цели започнат во петокот, а земјата и натаму е под аларми поради ирански ракети. Израелската армија од петокот изведува напади врз Иран со цел да го спречи развојот на нуклеарно оружје, при што потврди дека извршила напади врз нуклеарната инфраструктура на Иран. Министерството за нафта на Иран тврди дека било погодено складиштето за нафта „Шахран“ во Техеран.
Според соопштенијата, гаѓани биле стотици ирански воени и нуклеарни објекти, по што Иран возврати со балистички ракети и дронови.
Израелската армија преку социјалната мрежа Икс им се обрати на иранските граѓани, повикувајќи ги да се евакуираат од зони блиску до воени објекти, предупредувајќи дека „нивниот живот е во опасност“. Пораката е објавена на арапски и на фарси.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан се закани дека одговорот ќе биде уште „потежок и посилен“ доколку Израел не се повлече. Одговорот на Техеран не доцнеше – повеќе балистички ракети удрија врз израелска територија, пред сѐ градовите Реховот и Бат Јам, каде што има повеќе мртви, а причинета е и голема материјална штета врз цивилни објекти, додека израелските служби јавуваат дека потрагата по повредени и загинати сѐ уште трае. Ирански напади се регистрирани и во северниот дел на Израел, вклучувајќи го и палестинско-израелскиот град Тамра, каде што била погодена и една станбена зграда, а ракетен напад врз израелски цели извршил и Јемен, Хутите ја погодиле Јафа во централен Израел со неколку балистички ракети.
Лидерите на Г7 се собраа во Канада на тридневен самит што се одржува во сенка на опасната воена ескалација меѓу Израел и Иран, која би можела да ескалира во поширок регионален конфликт. Кризата е на врвот на агендата на состанокот на лидерите на водечките индустријализирани демократии во светот во хотел во оддалеченото село Кананаскис, Алберта, во западна Канада. Според најавите, на состанокот ќе присуствуваат претседателот на САД, Доналд Трамп, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. Како и претходно, на состанокот беа поканети лидери надвор од групата Г7. Меѓу нив се шефови на држави и влади од Мексико, Индија, Јужна Кореја, Јужна Африка, Австралија и од Индонезија. Р.С.


Како почна воениот судир Израел-Иран