Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека неговата земја ќе формира суверена муслиманска држава во Тирана за верскиот поредок на бекташките муслимани, по моделот на Ватикан во Рим, за да ја зачува и промовира верската толеранција, пренесе МИА од Тирана.
– Тоа би била енклава на исламскиот суфиски ред, една од најмалите држави во светот и би имала своја администрација, но без даноци или полиција и нема да го доведува во прашање суверенитетот на Албанија – рече Рама на церемониjaтa по повод 95-годишнината од преместувањето на седиштето на Светскиот центар на Бекташи од Турција во Албанија.
Со ова бекташките муслимани, исламско дервишко братство, ќе биде суверена микро држава слична на Ватикан во Рим. Би се протегала на 27 хектари од територијата на сегашниот Светски центар на Бекташите, кој од 1930 година се наоѓа во источниот дел на албанскиот главен град. По површина би бил речиси петпати помал од Ватикан.
Наспроти Рама кој гарантира дека специјалниот статус на бекташкото седиште не го нарушува територијалниот суверенитет, опозицијата го осуди проектот за суверена бекташка држава на територијата на Албанија.
Како и претходно и сега во објава на социјалните мрежи лидерот на најголемата опозициска Демократска партија, Сали Бериша наведува дека „прогласувањето на исламска држава од страна на Еди Рама е нож во грб против муслиманската вера во Албанија и голем антинационален чин“.