Ракетните капацитети на Иран се „црвена линија“ и не се предмет на преговори, изјави денеска советник на врховниот лидер на земјата, додека Техеран и Вашингтон се подготвуваат за нова рунда разговори насочени кон спречување на конфликт.
Минатата недела, американските и иранските дипломати одржаа индиректни разговори во Оман, во услови на зголемено американско воено присуство во регионот, што врши притисок врз Иран.
– Ракетните капацитети на Исламската Република не се предмет на преговори – изјави Али Шамкани, цитиран од државните медиуми, за време на маршот по повод 47-годишнината од Исламската револуција.
Вашингтон долго време се обидува да ги прошири разговорите за нуклеарната програма на Иран за да ја вклучи и неговата ракетна програма.
Иран изјави дека е подготвен да разговара за ограничувањата на својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите, но постојано ја исклучува можноста за поврзување на прашањето со други прашања, вклучително и ракетите.
Се очекува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја искористи средбата со Доналд Трамп во Вашингтон денеска за да инсистира дека секој договор меѓу САД и Иран треба да вклучува ограничувања за ракетната програма на Техеран.































