Доналд Трамп би сакал да верувате дека изненадната рација на ФБИ на неговиот имот на Флорида беше, неамериканска, како и многу други нешта на кои поранешниот американски претседател се противи, пишува Дејвид Греам во неговиот текст за магазинот „Атлантик“ насловен „Рацијата во Мар-а-лаго докажува дека САД не се банана-република“.
Не е познато многу за акцијата во времето на пишување на текстот. ФБИ не ја коментираше, а голем дел од информациите доаѓаат од соопштение на Трамп, кој е озлогласено неповерлив извор на информации. Трамп напиша „мојот убав дом Мар-а-лаго во Палм Бич, Флорида, моментно е под опасада, претресуван и окупиран од голема група на ФБИ агенти“ за кои тој тврди дека дошле ненајавени и провалиле и во неговиот сеф.
„Вашингтон пост“ и „Њујорк Тајмс“ известуваат дека постојат индиции оти рацијата е поврзана со изнесувањето документи од Белата куќа од страна на Трамп при крајот на неговиот претседателски мандат, за што неговите критичари тврдеа дека претставува прекршување на законот.
– Ништо слично на ова досега не му се случи на претседател на САД. Ваквиот напад може да се случи само во земји од Третиот свет. За жал, Америка стана една од тие држави, корумпирана на досега невидено ниво – напиша Трамп.
Трамп е во право дека ништо слично досега не му се случило на ниту еден поранешен претседател на САД, но не е во право околу тоа што значи ваквата ситуација за владеењето на правото во Америка, смета Греам.
– Трамп отсекогаш бил повеќе банана-републиканец отколку Реган или Линколн-републиканец. За разлика од неговите претходници, и наспроти отворениот презир кон Латинска Америка и Латиноамериканците тој честопати се прикажуваше како своевиден каудилјо (политички водач во Шпанија и во Латинска Америка што располага со воени одреди – н.з.) обидувајќи се да владее со железна тупаница, да ги заобиколи Уставот и легислативата, да ја регрутира војската во неговите сплетки и да ја искористи моќта на државата за изборните и лични придобивки. Во вистинска банана-република, тој можеше да се надева да помине неказнето се додека може да ги надмудри политичките противници – пишува авторот, додавајќи дека Трамп се најшол растргнат на повеќе страни по постапката за импичмент и истрагите за наводното мешање во пребројувањето на гласови по претседателските избори и за работењето на неговата компанија.
Во написот на „Атлантик“ се вели дека Трамп не е жртва на политички прогон, посочувајќи дека темелен принцип на американскиот закон е оти никој, ниту претседателот, а камоли поранешен претседател, е над законот, како и дека тие мора да одговараат ако извршат одреден прекршок.
– Наспроти сето беснеење на Трамп, тој не е обвинет за никакви кривични дела. А ако биде, ќе има можност да се брани пред судот. Рацијата која навидум дојде изненадно е знак дека федералните власти ја спроведуваат истрагата деликатно и во голема тајност – пишува Греам, додавајќи дека во претстојните денови се очекуваат повеќе информации.