Американскиот претседател Џо Бајден одржа заедничка прес-конференција со финскиот претседател Саули Ниинисто во Хелсинки. Тој рече дека конфликтот во Украина не би требало да трае со години, наведувајќи дека Владимир Путин веќе ја изгубил војната, пишува „Си-ен-ен“.
– Не постои никаква можност тој да ја добие војната во Украина. Тој веќе ја изгуби таа војна – рече Бајден на прес-конференцијата.
Тој додаде дека не мисли дека војната ќе продолжи со години, бидејќи Русија не може да ги одржува своите ресурси толку долго, а Путин веројатно на крајот ќе одлучи дека тоа не е во интерес на Русија; економски, политички или во некоја друга смисла.
Тој исто така рече дека нема голема веројатност Путин да употреби нуклеарно оружје за да ја подобри својата позиција на линијата на фронтот по неуспешниот бунт на групата „Вагнер“.
Претседателот на САД денеска во Хелсинки, ја поздрави Финска како „неверојатна вредност“.
– Мислам дека НАТО никогаш не било посилно – наведе Бајден, додавајќи оти „заедно се залагаат за демократски вредности“.
Додека претседателот на Финска, Саули Нинисто посочи дека членството на Финска во НАТО најавува „нова ера во нашата безбедност“.
Тој го поздрави Бајден за „градењето единство“ на Самитот во Вилнус, кој се фокусираше на градење единство за поддршка на Украина.
Со посетата на Хелсинки, Бајден ја завршува европската турнеја. Тоа е прва посета на актуелниот американски претседател на Финска по посетата на Доналд Трамп пред пет години.
Бајден во претседателската палата во Хелсинки се сретна со Нинисто и со финскиот премиер Петри Орпо. Потоа имаше средба со шефовите на владите на нордиските земји Данска, Норвешка, Шведска и Исланд. Главна тема на разговорите беше поблиска соработка на полето на безбедноста, климата и технологијата.
Финска официјално стана членка на НАТО на почетокот на април. Финска е земја-членка на Европска унија и на НАТО со најдолга граница со Русија – околу 1.340 километри.