Фото: Пиксабеј

„Њусвик“

Социјалното движење, формирано од воениот блогер Игор Гиркин, има за цел да го зголеми притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин и рускиот одбранбен естаблишмент, соопшти тинк-тенк Институтот за проучување на војната (ИСВ), пишува „Њусвик“.

Гиркин, познат и како Игор Стрелков, е руски националист, кој се истакна за време на воените дејствија во регионот Донбас во Украина во 2014 година. Тој е гласен во критиките кон командантите на Путин и кон самиот претседател во однос на тоа како Москва ја води војната во Украина. Гиркин го основаше „Клубот на лути патриоти“ во април, заедно со рускиот политички деец Павел Губарев и политичкиот активист Владимир Кучеренко, познат и како Максим Калашников. Групата изрази загриженост дека Русија ќе загуби во Украина, што може да доведе до прозападен пуч и руска граѓанска војна, доколку Москва не ги зголеми напорите за зајакнување на линијата на фронтот.

Во неделата, групата објави дека ќе формира регионални ограноци и ги повика политичарите, креаторите на јавното мислење и шефовите на руските организации да се вклучат. Исто така, за јуни е планирана прес-конференција во Москва, на која групата ќе излезе со решенија за тоа како Русија може да ја добие војната во Украина, соопштија од тинк-тенкот, додавајќи дека групата продолжува со напорите да го прошири своето присуство и да влијае на јавниот дискурс.

Минатата недела Гиркин предвиде дека Украина ќе ги нападне регионите на Русија кои граничат со Украина, како што се Белгород, Курск и Брајанск. Еден друг критичар на начинот на кој Путин се справува со војната, шефот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, наводно понудил да ги открие локациите на руските трупи во замена за повлекување на украинските сили од околината на градот Бахмут. „Вашингтон пост“ ги цитираше објавените документи на американските разузнавачки служби во кои се вели дека основачот на Вагнер ја дал оваа понуда по зголемениот број на жртви меѓу неговите платеници кои се борат да го заземат градот Доњецк. Двајца анонимни украински функционери изјавија дека Пригожин „неколку пати“ бил во контакт со Управата за разузнавање на Украина, но неговата понуда била одбиена.

Пригожин и Гиркин се обединети во критиките за начинот на кој Русија ја води војната, но двајцата и самите влегоа во меѓусебна „војна“. Гиркин го обвини шефот на „Вагнер“ дека им дава приоритет на сопствените политички амбиции, за кои рече дека се водени од „психопатија“. Истовремено, Гиркин ги праша руските власти зошто не го уапсиле Пригожин поради неговите повици да ја замрзне војната на првите борбени линии.

Ниту шефот на Вагнер не му остана должен во однос на взаемното омаловажување. Во одговорот на „Телеграм“, тој го осуди Гиркин за критиките упатени кон руската војска и за неговата неподготвеност да преземе подиректна улога во војната.

Подготви: Валбурга Батева Николоска