Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија постигнува успех во сите области – воена, безбедносна и економска, но истакна дека во сегашните околности на Русија особено ѝ е потребна политичка стабилност.
– Луѓето разбираат колку ова отсекогаш било важно за Русија, а во денешните околности е двојно, тројно поважно: колку е важна политичката стабилност, стабилноста на нашиот политички систем и внатрешнополитичката ситуација – рече Путин за време на состанокот со шефицата на Централната изборна комисија Ела Памфилова.
Тој додаде дека политичката стабилност, која делумно ја обезбедуваат гласачите, е основа на успехот на Русија во сите области, вклучително и воената и безбедноста.
– Многу сум благодарен на луѓето кои не се плашеа од ништо и кои излегоа на гувернерските избори, исполнувајќи ја својата должност. Во денешните околности, ова е исклучително важно – нагласи рускиот претседател.