Фото: Принтскрин/Јутуб

Русија е подготвена да ги нормализира односите со САД и другите западни земји, но не на сметка на руските интереси, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју објавено денеска, пренесоа руските медиуми.

– Сѐ може да се направи ако има желба. Никогаш не сме ја изгубиле таа желба – рече Путин одговарајќи на прашање за можноста за воспоставување руско-американски односи.

Според него, сè се менува во меѓународните односи, а само интересите остануваат непроменети – во овој случај, „интересите на Русија и нејзиниот народ“.

– Ако видиме дека ситуацијата се менува на начин што дава можности и перспективи за градење односи со другите земји, ние сме подготвени на тоа, но не на штета на интересите на Руската Федерација – нагласи Путин.

Тој додаде дека кога противниците на Русија ќе ја разберат подготвеноста на таа земја да одговори на какви било предизвици, ќе сфатат и дека е време да се бараат компромиси.

– Секогаш ќе одговориме на секој предизвик, а кога нашите сегашни противници и можни партнери конечно ќе го слушнат и разберат ова, ми се чини дека тогаш ќе сфатат дека е неопходно да се бараат компромиси – заклучи Путин.