Рускиот претседател Владимир Путин денеска пристигна на полигонот Мулино во регионот Нижни Новгород за да ги набљудува заедничките руско-белоруски воени вежби „Запад 2025“- објавија руските и британските медиуми.
Облечен во воена униформа, Путин ги слушна извештаите од министерот за одбрана Андреј Белоусов и неговиот заменик.
Путин рече дека маневрите „Запад 2025“ имаат за цел да разработат елементи на одбраната на Сојузната држава Русија и Белорусија од било каква агресија.
– Целта на вежбата е да се разработат сите потребни елементи за безусловна одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет, за одбрана на Сојузната држава од каква било агресија – рече рускиот претседател, обраќајќи се пред учесниците на маневрите.
Според него, елементите на вежбите се одржуваат на 41 полигон за обука, во кој учествуваат 100.000 војници и околу 10.000 системи и опрема за оружје.
– Покрај тоа, се користи модерна технологија, применета во практични борбени активности, а плановите на вежбите се базираат на искуството стекнато при спроведување на специјалната воена операција. Има околу 10.000 примероци од разновидна опрема, вклучувајќи 333 авиони од тактичката, стратешката и воено-транспортната авијација. Се користат и повеќе од 247 бродови: површински, подводни и помошни – нагласи Путин.
Според рускиот претседател, на вежбата „Запад 2025“ пристигнале и учестуваат 25 странски делегации, од кои 16 испратиле свои претставници за набљудување, а шест испратиле воени контингенти за учество во стратешката вежба.