Рускиот претседател Владимир Путин остварил телефонски разговори со неколку влијателни лидери од Персискиот Залив, предупредувајќи дека нападите на САД и Израел врз Иран може да доведат до поширока регионална ескалација, објави „Си-ен-ен“.
По разговорот со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, од Кремљ соопштија дека двете страни изразиле сериозна загриженост поради ризикот од проширување на конфликтот, кој веќе ги зафатил територии на повеќе арапски држави и може да има далекусежни последици.
Путин, според соопштението, ја потенцирал неопходноста од дипломатски пристап за надминување на, како што ја оценил, „исклучително опасната ситуација“.
Од Кремљ наведуваат дека саудискиот престолонаследник посочил оти Москва, поради односите што ги одржува со Иран и земјите од Заливот, може да одигра стабилизирачка улога.
Русија претходно ги осуди американските и израелските напади врз Иран, како и атентатот врз врховниот лидер Али Хамнеи.
Покрај Ријад, рускиот претседател разговарал и со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, при што било истакнато значењето на прекин на непријателствата и враќање кон политички и дипломатски дијалог.
Во одделен телефонски разговор со емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, била изразена загриженост поради ризикот од ширење на конфликтот и можно вклучување на трети земји.
Кремљ соопшти дека Путин разговарал и со кралот на Бахреин, при што централна тема била потребата од деескалација и зачувување на регионалната стабилност.
































