Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека последиците од конфликтите на Блискиот Исток тешко може да се предвидат, но веќе се прават споредби со глобалната криза предизвикана од пандемијата на ковид-19.
Како што пренесува Ројтерс, Путин во обраќање пред бизнис-лидери во Москва посочил дека конфликтите имаат сериозно влијание врз светската економија.
– Сè уште е тешко точно да се предвидат последиците од конфликтот на Блискиот Исток. Дури и оние што се директно вклучени не можат да ги предвидат, а за нас е уште потешко – изјави Путин.
Тој додаде дека веќе постојат процени кои ги споредуваат економските ефекти со пандемијата.
– Веќе има споредби со коронавирусот, кој драматично го забави развојот на сите региони и континенти – рече рускиот претседател.
Според него, актуелните конфликти предизвикуваат сериозни нарушувања во меѓународната логистика, производството и синџирите на снабдување, додека под притисок се и компаниите во секторите за енергенси, метали и ѓубрива.
Путин оцени дека ваквата состојба дополнително ја зголемува неизвесноста на глобалните пазари и може да има долгорочни последици врз економскиот развој.































