Фото: Твитер/ Министерство за надворешни работи на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин ќе го пропушти самитот во Јужна Африка поради загриженост дека може да биде уапсен, јави Скај Њуз.

Претседателот на Јужноафриканската Република Сирил Рамафоса потврди дека рускиот претседател Путин нема да присуствува на меѓународен самит во земјата следниот месец „според заеднички договор“.

Место него, ќе присуствува рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Москва претходно ја предупреди Јужноафриканската Република (ЈАР) дека апсењето на Путин би било еднакво на „објавување војна“, јави ДПА, повикувајќи се на писмената изјава објавена синоќа од јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса.

„Русија јасно стави до знаење дека апсење на нејзиниот актуелен претседател ќе биде еднакво на објавување војна“, напиша Рамафоса во својата изјава упатена до Високиот суд во северната јужноафриканска провинција Гаутенг.

Согласно тоа, ЈАР има „очигледни проблеми со спроведувањето на барањето за апсење и екстрадиција на претседателот Путин“, напиша тој.

Рускиот лидер е поканет во Јоханесбург на самитот на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Југоисточна Азија) од 22 до 24 август и покрај меѓународната потерница за негово апсење.

ЈАР се соочува со зголемен меѓународен притисок да потврди дека ќе го исполни налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) доколку Путин присуствува на самитот, забележа ДПА.

ЈАР го потпиша Статутот на МКС.

Судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин во март, обвинувајќи го за наводни воени злосторства во Украина.