Американскиот и украинскиот претседател Џо Бајден и Володимир Зеленски разговараа во Киев за оружје со долг дострел и нов пакет воена помош, објави украинскиот претседател.
Бајден утрово пристигна во ненадејна посета на Киев. „Њујорк тајмс“ пишува дека Бајден во Киев пристигнал со воз. Возењето од полската граница до Киев траел неколку часа, а посетата е опишана како „демонстрација на решителноста на администрацијата на Бајден“.
Бајден ненајавено допатува во Киев – прогласена воздушна тревога, градот блокиран
Зборувајќи по разговорите, Зеленски рече дека воената поддршка ќе биде вредна 500 милиони долари, а повеќе детали ќе бидат објавени утре.
Белата куќа објави соопштение и по пристигнувањето на Бајден во Киев.
-Додека светот се подготвува да одбележи една година од руската брутална инвазија на Украина, денеска сум во Киев за да се сретнам со претседателот Зеленски и да ја потврдам нашата непоколеблива посветеност на демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Кога Путин ја започна својата инвазија пред речиси една година, мислеше дека Украина е слаба, а западот е поделен, мислеше дека може да нè надживее, но не беше во право. Денеска во Киев се среќавам со претседателот Зеленски и неговиот тим за поширока дискусија за нашата поддршка за Украина. Ќе објавам уште една испорака на критична опрема, вклучувајќи артилериска муниција, противоклопни системи и радари за воздушно набљудување, за заштита на украинскиот народ од воздушни бомбардирања. Подоцна оваа недела ќе објавиме дополнителни санкции против елитите и компаниите кои се обидуваат да ја избегнат или надополнат руската воена машина – се вели во соопштението.
Белата куќа додаде дека пакетот ќе вклучува муниција ХИМАРС, противоклопни системи и радари за воздушно набљудување.
-Во текот на изминатата година, САД изградија коалиција на нации од Атлантикот до Пацификот за да помогнат во одбраната на Украина со невидена воена, економска и хуманитарна поддршка – и таа поддршка ќе продолжи – се вели во соопштението на Белата куќа.