Претседателот на Русија, Владимир Путин вчера во Мурманск присуствуваше на лансирањето на новата нуклеарна подморница, опремена со хиперсонични проектили Циркон.
Подморницата го носи името Перм, по градот во Урал и е прва вооружена со хиперсоничните ракети Циркон, чиј дострел е до 1.000 километри и летаат деветпати побрзо од звукот.
– Продолжуваме да произведуваме модерни ракетни подморници, ова е петта подморница во рамките на проектот „Јасен-М“. Очекуваме следната година подморницата да биде дел од морнарицата и да извршува борбени задачи – истакна Путин.
Тој најави зајакнување на руската воена морнарица и опремување со најсовремено оружје, технологија и комуникациски системи.
– Овие подморници и бродови дополнително ќе ја зајакнат нашата флота, ќе ја зајакнат безбедноста на поморските граници на Русија и ќе обезбедат заштита на Северниот морски пат. Тоа ќе помогне да се зачуваат националните интереси на Русија во различни делови на Светскиот океан, вклучувајќи го и Арктикот, кој денес има исклучително економско, логистичко и стратешко значење во контекст на зголемената глобална конкуренција. Ќе продолжиме да правиме се за сигурно да го заштитиме територијалниот интегритет и суверенитет на Русија и да го консолидираме нејзиниот статус како водечка поморска сила – посочи Путин.