Рускиот претседател Владимир Путин ја прифатил поканата за присуство на самитот на Г-20 кој треба да се одржи во ноември на индонезискиот остров Бали.

Според агенциите, Путин ова му го потврдил на индонезискиот претседател Џоко Видод. Вчера и претседателот на Украина Володимир Зеленски најави дека ќе оди на самитот на Г20 на покана на Видод, иако Украина не е членка – пренесе Си-Ен-Ен.

– Синоќа разговарав телефонски со рускиот претседател, кој изрази благодарност за поканата за самитот на Г-20 и го потврди неговото доаѓање – изјавил Видод.

Претседателот на Индонезија посочил дека во разговорот со Путин разговарале за важноста од постигнување мировен договор со украинското раководство и итен прекин на конфликтот.

– Индонезија сака да ги обедини Г20. Не дозволувајте да се распадне. Мирот и стабилноста се клучни за закрепнувањето и развојот на светската економија – изјавил тој.

Американскиот претседател Џо Бајден и неговите советници се уште дебатираат како да пристапат на самитот откако домаќинот го потврдил доаѓањето на рускиот претседател Владимир Путин.

Бајден рече дека Русија треба да биде исфрлена од Г20. Високи членови на неговата администрација ги напуштија настаните на Г20 на кои присуствуваа руски делегати. Со Индонезија, која е домаќин на самитот, се разговараше за засилена осуда на Русија, како и за тоа како да се пристапи кон ситуацијата. Се уште нема одлука за евентуален бојкот на самитот, кој ќе се одржи за шест месеци.