фото: ЕПА

Нов обид на рускиот и азербејџанскиот претседател да ги вратат
меѓудржавните односи на старите добрососедски патеки

Рускиот и азербејџанскиот претседател Владимир Путин и Илхам Алиев повторно ќе се обидат да ги вратат меѓудржавните односи на старите добрососедски патеки. Имено, тие си пружија рака, па дури и „се прегрнаа“ за време на неформалниот состанок на лидерите на ЗНД (Заедница на независни држави) што се одржа изминатиов викенд. На видеото лиферувано во јавноста се гледа како двајцата шефови на држави се приближуваат еден кон друг, насмевнувајќи се и прегрнувајќи се, додека лидерите на другите земји членки на ЗНД стојат околу нив. Во медиумите од Москва и Баку се констатира дека „студената фаза во руско-азербејџанските односи почнува динамично да се надминува“ и дека ситуацијата постепено почнува да се враќа во претходната фаза на „интензивна соработка“.

Причина за влошување на билатералните односи

Руско-азербејџанските односи ја достигнаа најниската точка на билатерални односи (од времето на распадот на Советскиот Сојуз) по соборувањето на цивилниот авион во сопственост на азербејџанската авиокомпанија АЗАЛ во декември минатата година, по грешната процена на руските системи за воздушна одбрана (во близината на Грозни), при што „беше направена погрешна процена за реакцијата од заканата од украински дрон“, а цивилниот авион бил оштетен од остатоците на уништениот дрон и ракетата на противвоздушната одбрана, а авионот потоа се урнал во Казахстан…
Оттогаш, претходно силните речиси сојузнички односи меѓу Москва и Баку брзо се трансформираа кон отворена конфронтација и непријателство. Тоа беше очигледно и во пишувањата на медиумите, како и на социјалните мрежи во двете земји, но и во изјавите на политичарите – вклучувајќи ги и оние од највисок ранг, особено во Азербејџан, предводени лично од претседателот на земјата Илхам Алиев. Овој развој на односите особено сериозно ѝ наштети на големата и моќна азербејџанска дијаспора во Русија, чии истакнати претставници беа вклучени и во големи меѓународни бизнис-зделки поврзани со азербејџанската нафта.

Повторно затоплување на руско-азербејџанските односи

Пред последниот исчекор на лидерите на двете земји за затоплување на односите на неформалниот состанок на лидерите на ЗНД (Заедница на независни држави) што се одржа викендов, првата средба кога беше направен обид да се скрши мразот меѓу Путин и Алиев, по споменатиот инцидент, се одржа на маргините на настанот на ЗНД во главниот град на Таџикистан, Душанбе. Една од главните теми на двајцата државници беше горенаведената несреќа на азербејџанскиот авион АЗАЛ минатата година. Претседателот на Русија јавно и отворено уште еднаш истакнал дека уште во нивниот прв телефонски разговор не само што се извинил за фактот дека трагедијата се случила на руското небо туку и изразил најискрено сочувство до семејствата на жртвите.
– Би сакал да го повторам сето ова, да нагласам уште еднаш и да кажам дека, секако, како што е договорено, ние ѝ даваме секаква помош на истрагата – рече Путин.
Алиев изрази посебна благодарност до Путин за давањето информации за причините за несреќата, додека Путин одговори дека се надева „дека соработката ќе продолжи во духот на заемните односи и заедничкиот сојуз“. Р.С.