Неодамнешната проценка на американските разузнавачки служби предупредила дека рускиот претседател Владимир Путин е порешителен од кога било да ја продолжи војната во Украина и да извојува победа на бојното поле, пишува Ен-би-си, повикувајќи се на висок американски функционер и висок конгресен претставник.
Анализата, која овој месец била пренесена на членовите на Конгресот, укажала дека агенциите не гледаат никаков знак дека Русија е подготвена на компромис околу Украина, додека претседателот Доналд Трамп се обидува да посредува во мировни преговори, пишува Ен-би-си.
Како што пишува медиумот, повикувајќи се на разузнавачките агенции, Путин сега е „подлабоко вкоренет“ во својата стратегија отколку во претходните фази од конфликтот.
– Официјалните лица изјавиле дека и покрај големите загуби меѓу руските сили и економските проблеми дома, Москва останува фокусирана на проширување на своето воено присуство на украинска територија за да ги оправда жртвите и трошоците од војната. Во знак на растечка фрустрација, претседателот Трамп минатата недела го откажа планираниот состанок со Путин во Будимпешта и ги воведе првите економски санкции против Русија откако ја презеде функцијата во јануари – пишува медиумот.
Белата куќа одбила да ги коментира деталите од разузнавачката проценка, повикувајќи се на јавните изјави на Трамп за напорите за постигнување мировен договор.
– Комбинацијата од нови санкции, украински напади со беспилотни летала врз руски енергетски објекти и зголемена воена помош од Западот на крајот би можела да влијае на пресметките на Кремљ – пишува Ен-би-си, повикувајќи се на европски дипломати и поранешни американски разузнавачки службеници.




































