Тројца напаѓачи со огнено оружје денеска пукале кон американската амбасада во Бејрут, Либан, при што е повреден припадник на обезбедувањето, пренесуваат светските медиуми.
Либански медиуми објавија дека еден од напаѓачите е убиен, друг е ранет, а во тек е потера по третиот. Се наведува и дека тројцата сторители имале соучесник што со автомобил ги превезол на местото на нападот.
Либанската армија соопшти дека возвратила со оган, при што еден од напаѓачите, кој е од сириска националност, бил ранет и пренесен во болница.
Локалните медиуми јавуваат дека пукањето траело околу половина час.
Американската амбасада соопшти дека никој од персоналот не бил повреден за време на нападот.
Либанската армија соопшти дека распоредила војници околу амбасадата и околните области.
Врз амбасадата во Бејрут беше пукано и во септември минатата година при што немаше повредени.