Турскиот обид за изнаоѓање дипломатско решение, што ќе доведе до прекин на огнот во Украина, не даде резултат. Министрите Лавров и Кулеба меѓусебно се обвинија за тоа која страна не сака да води суштински преговори. Дополнително, образложувајќи ја, како што ја нарече, специјалната воена операција, Лавров кажа дека Украина не ги почитува воените договори, бидејќи на нејзина територија се наоѓале лаборатории за биолошко оружје. Рускиот министер прстот го впери и кон Вашингтон, од каде експресно беше демантиран.
– Многу сум растревожен за информациите дека Пентагон создал повеќе десетици воено-биолошки лаборатории на украинска територија, во рамките на својата програма за создавање вакви лаборатории низ целиот свет, со што се крши Конвенцијата за употреба на хемиско оружје. Ваквото оружје можеби го употребувале, можеби не…- рече Лавров.
Киев и Москва на преговарачката маса денеска во Анталија биле далеку од договор за прекин на огнот. Единствено се зборувало за хуманитарните коридори.
– Тие ќе ја продолжат нивната агресија сè додека Украина не ги исполни нивните барања, а листата со тие барање значи да се предадеме. Тоа за нас не е прифатливо – рече Дмитро Кулеба – министер за надворешни работи на Украина.
– Ние сакаме пријателска Украина, демилитаризирана Украина, која нема да создава закани, во која нема да има нацистичка власт… Украина во која руските култура и јазик и православните цркви не се забранети – рече Лавров.
Кулеба истакна дека е подготвен да продолжат преговорите на министерско ниво, а Лавров пак, дека чека Киев да одговори на руските предлозите од третата рунда преговори во Белорусија.
Украинскиот шеф на дипломатијата најави дека ќе продолжи да бара балансирано дипломатско решение, а Лавров нагласи оти единствено е позитивно тоа што Украина е подготвена да разговара за модел за безбедност, кој би го гарантирале европските држави и Русија, во замена за намерата за влез во НАТО.