Речиси во сите култури доаѓањето на новата година се слави како празник на заминувањето на стариот и почетокот на новиот период.
Сепак, 1 јануари не се земал секогаш како почеток на новата година, па во зависност од културата, новата година се прославувала на пролет или на есен.
Самиот обичај е поврзан со прославата на раѓањето на Сонцето. Како што се менувале вековите, така се менувале и деновите кога се славела новата година. Имајќи предвид дека многу народи немале календари, годината ја пресметувале според годишните времиња, како и врз основа на завршувањето на теренската работа што ја вршеле, пренесуваат „Earth Sky“ и „Histori.com“.
Се верува дека првата „прослава“ на Нова Година ја одржале жителите на Месопотамија, пред повеќе од 2000 години. Во Месопотамија новата година се дочекувала на почетокот на март.
Едното мислење е дека Кинезите први ја дочекале новата година, а другото е дека тоа биле старите Германци или Римјани. Во антички Рим, како и во Месопотамија, почетокот на новата година се славел на 1 март, некаде околу пролетната рамноденица.
Меѓутоа, од 153 годиниа п.н.е., Римјаните имале прослава на 1 јануари во чест на богот Јанус. Новата година ја дочекувале како симбол на почеток на нов живот и нови животни надежи.
Сите овие обичаи, во основа пагански, постоеле во Европа многу пред доаѓањето на христијанството. Оваа религија долго време избегнувала да го празнува овој празник на 1 јануари бидејќи црковните поглавари во него гледале остатоци од стари верувања и обичаи. Во голем дел земји во средниот век, најрадосниот христијански празник – Божиќ – се користел за одбележување на почетокот на годината.