Контрасамит на НАТО, инициран од поранешен италијански премиер
Меѓу членките на Европската Унија, односно НАТО, постои отпор кон плановите за големи воени издвојувања од националните буџети, кои ги бараат Брисел и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, а пред сè американскиот претседател Доналд Трамп. Во тој контекст, поранешниот италијански премиер Џузепе Конте во јавноста повика на „анти-НАТО митинг во Хаг на 24 јуни“, кој би требало да се одржи само еден ден пред самитот на Алијансата. Според писмениот проглас на Џузепе Конте (во кој имаше увид реномираниот „Политико“), лидерот на италијанското движење „Пет ѕвезди“, планира да ги покани европските лидери што се противат на вооружувањето да присуствуваат во холандскиот парламент. Домаќини на контрасамитот би била холандската Социјалистичка партија.
– Ги поканувам сите европски политички претставници што се противат на оваа безобѕирна трка во вооружување… кои веруваат во одбраната на вредностите на мирот и дијалогот меѓу народите. Оваа промена е неприфатлива. Без вистинска јавна дебата на европско и национално ниво, сведоци сме – само за неколку недели – на трансформацијата на европскиот систем за социјална помош, граден со децении, во воена машина – порача Конте во своето јавно обраќање и повик.
Други учесници во контрагрупата се германската партија Сара Вагенкнехт, белгиската партија ПТБ, португалската комунистичка партија, кипарската партија Акел, чешката партија Стачило, латвиската партија За стабилност и грчката партија Курс на слободата, според движењето „Пет ѕвезди“. Единствената владејачка партија што го потврди своето учество во иницијативата на Конте е шпанската Сумар, во коалиција со социјалистичкиот премиер Педро Санчез, кој ќе присуствува на самитот на НАТО.
Шпанија веќе објави дека нема намера да го исполни критериумот од 5 отсто од БДП за воено-одбранбената сфера, со оглед на тоа што не гледа никаква непосредна опасност од агресија врз својата земја.
Деновиве и словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека не го отфрла разгледувањето на предлогот за неутрален статус на Словачка, односно повлекување од НАТО, бидејќи огромните одбранбени издвојувања што сè повеќе ги наметнува Северноатлантската алијанса се катастрофални за словачката национална економија.
Р.С.