За време на насилните протести и немири во Казахстан, направна е штета од 212 милиони долари, објави турската агенција „Анадолија“.
Привремениот министер за внатрешни работи на Казахстан Јерлан Тургумбаев вчера ја информираше јавноста за настаните кои ја зафатија земјата од 2 јануари, споделувајќи информации за резултатите од работата на полицијата.
– Протестите започнаа на 2 јануари, поради поскапувањето на течниот гас на западот од државата и влошувањето на социо-економската состојба, и продолжија во следните денови со окупирање на објекти на локалната самоуправа со оружје – истакнал Тургумбаев, потсетувајќи дека тогаш биле зафатени зградите на локалната самоуправа во повеќе области и биле уништени повеќе од 400 возила, од кои 346 биле полициски.
Тургумбаев истакнал дека на 5 јануари, толпа од околу 20.000 луѓе дошла во центарот на градот и упаднала во зградата на локалната власт, додавајќи дека демонстрантите користеле оружје против полицијата, запалиле јавни згради, нападнале полицајци и ученици од воено училиште и заплениле специјална опрема за безбедносни сили.
Тој исто така додава дека демонстрантите по случаен избор пукале во градот и ограбиле повеќе од 100 трговски центри, продавници, банки, банкомати и финансиски институции.
По прогласувањето вонредна состојба во Казахстан биле започнати 125 истраги, а до денес биле приведени 7.939 лица, административни парични казни биле изречени на 516 лица, а околу 300 лица биле приведени на граничните премини кога се обиделе да ја напуштат државата и себе имале значителни количини на оружје, пари, мобилни телефони и други вредни предмети.
Руските и државните медиуми објавија дека за време на конфликтот загинале 164 лица, повикувајќи се на објава на владата на социјалните мрежи, но, здравствените и полициските власти сѐ уште немаат изнесено прецизна бројка за бројот на жртвите.