Фото: Принтскрин

Во ерата на геополитичка неизвесност и економска нестабилност, една проширена Европска Унија значи побезбедна, посилна и помирна Европа, дома и во светот, па затоа проширувањето е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме денес за нашата иднина, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на Самитот за проширување на ЕУ организиран од Еуроњуз.

– Ако го прочитате денешниот извештај за проширување, ќе прочитате една впечатлива реченица: Ова е првиот мандат на Комисијата од 2010-2014 година, каде што проширувањето е реална можност. И тоа е нашата цел и мојата цел за наредните години – рече Кошта.

Тој истакна дека Украина, Молдавија и земјите од Западниот Балкан и припаѓаат во Европската Унија и оваа година првпат има конкретен напредок од страна на кандидатите за членство.

Кошта нагласи дека Црна Гора постигна најголем напредок и би можела да стане 28-та членка на ЕУ, Албанија значително го забрзала напредокот на својот пристапен пат, а Молдавија и Украина постигнале импресивен напредок.

– Верувам дека се уште можеме да видиме поголем напредок од Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија до крајот на годината. Оваа 2025 година може да биде важна година за нив – рече Кошта, додавајќи дека се надева оти Косово ќе добие „позитивен сигнал“.

Кошта нагласи дека Европската Унија им помага на земјите опфатени со процесот на проширување да ги исполнат сите критериуми за членство и ја забрза нивната постепена интеграција, со цел да го подобрат нивото на подготовка за членство.

– Планот за раст за Западниот Балкан и Молдавија, вреден шест милијарди евра, веќе дава резултати, менувајќи го секојдневниот живот на луѓето преку приклучување кон Единствената зона за плаќања во евра, намалување на времето на чекање на границите и проширување на дигиталните мрежи – истакна Кошта.

 

Според него, проширувањето денес не е апстрактна визија или список на желби, туку е трансформативен процес, чие суштинско значење е да се консолидираат демократијата и владеењето на правото, кои се двата клучни предуслови за успешно проширување.

– Мора да бидеме построги во однос на стандардите, но и поефикасни и попрагматични во однос на процесот. Да продолжи патот на длабоки реформи во согласност со пристапот базиран на заслуги и, паралелно, Европската Унија да стане подготвена, ефикасна и способна да ги пречека новите членки – рече Кошта.

Според него, тука станува збор за паралелно одење по двата пата, кои им се неопходни и на земјите кандидати за членство и на Европската Унија и тоа не може да се избегне или одложи на неодредено време.

– Успехот на Европската Унија произлезе од храбрата и визионерска политичка решителност на нашите претходници да ги надминат вековите војни. Истата храбра и визионерска решителност и волја мора да се покаже и денес. Партнерите за пристапување мора да одлучат дали имаат таква решителност да продолжат напред со нивната трансформација на Европската Унија или дали претпочитаат да останат заробени од болните историски наследства – потенцира претседателот на Европскиот совет.

Кошта истакна дека ЕУ мора да реши, или ќе дозволи да губи уште време или ќе биде подготвена да еволуира и да се прилагоди на сегашната геополитичка реалност.

– Цврсто верувам дека Европа не смее да стане музеј  на минатиот просперитет. Ве поканувам сите денес да продолжите со напорната работа, да ги спроведете реформите за да ја претворите оваа реална перспектива за проширување во реалност за луѓето од Западниот Балкан, Украина и Молдавија – порача Кошта во обраќањето на Самитот.