Ретко кој стартап почнува со капитал од три милијарди долари, во каква што позиција се најде „Алтос Лабс“. По повеќемесечните гласини за покренувањето на стартапот, компанијата официјално се претстави денеска. А цената на нејзиниот предложен производ се чини евтина, дури и за сума од три милијарди долари, пишува „Економист“. Основачите на компанијата Рик Клауснер, Ханс Бишоп и Јури Милнер се надеваат дека на светот ќе му го овозможат „еликсирот на животот“.
И други се обидува со вакви потфати во минатото. Но, основачите на „Алтос“ делуваат сериозно во нивните намери. Согледувајќи ги откритијата во биологијата во изминатите неколку децении, особено две, тие веруваат дека добиле увид во одговорот за прашањето како да се „сврти“ процесот на клеточно стареење. Тие исто така ангажираа тим од познати научници за да им помогне во пронаоѓање на одговорот. Болестите кои стојат на нивниот пат се когнитивните нарушување, невродегенерацијата, дијабетесот и поврзаните проблеми со метаболизмот, како и ракот. Справувањето со овие заболувања не мора да значи и значително продолжување на животниот век, но сигурно би го подобрило општото здравје.
„Алтос“ беше создаден како сон на д-р Клауснер, поранешниот водечки човек на американскиот Национален институт за истражување на ракот и на д-р Милнер, претприемач вклучен во повеќе технолошки потфати. Тие потоа го ангажираа и Бишоп кој претхедно беше раководител на компанија за откривање на рак. А последниот дел во научната сложувалка, што речиси е неизбежен во денешно време, претставува вештачката интелигенција.
Најголемиот ризик во амбициозниот потфат би можела да биде избрзаноста на учесниците. Нивните почетни активности во новата компанија ќе бидат речиси исти како и на претходните работни места, освен што на располагање ќе имаат поголеми буџети.
Три милијарди долари претставуваат значителна финасиска подлога која дава можност за промени во однос на надминување на грешките. Отсуството на јасен производ на почетокот делува како проблем, иако Нилсен го спомнува одговорот на Т-клетките во имунолошките системи на повозрасните и справувањето со слабото функционирање на панкреасот кај дијабетичарите, како рани можности во нивните истражувања. А сите вклучени во проектот се уверени дека ќе дојдат до конкретни производи, односно резултати.
Сепак, постојат одредени сомнежи за тоа како биологијата може да се примени во контролирање на процесот на стареење, а деталите се предмет на расправа. Аргументот изложен од д-р Клауснер и од неговите колеги, вели дека ресетирањето на биолошкиот часовник е природен процес кој се случува со секоја генерација. Репродуктивните ќелии кои создаат нови генерации постојано добиваат свеж почеток. Тие навистина се враќаат на фабрички подесувања. А ако часовникот може да ги ресетира тие ќелии, зошто не би можел да го стори тоа и со другите? Дали научниците ќе добијат поврат на вложената инвестиција, пред сѐ, ќе зависи од одговорот на тоа прашање. А фасцинантно е што воопшто го поставија, заклучува „Економист“.