Кинеските традиционални брендови го трасираат патот за меѓународно поврзување

„Кинески бренд со долгогодишна традиција“ е титула доделена од Министерството за трговија на Кина на компании со долга историја, кои нудат производи, техники или услуги пренесувани низ генерации. Овие брендови се признаени по тоа што поседуваат посебни кинески културни карактеристики и се широко прифатени од јавноста. Tаканаречените брендови со долгогодишна традиција (time-honored brands) од Шаосинг, промовирани минатата недела на свечен настан во Пекинг, во присуство на над 100 гости, послужија и за претставување на кинеското отворање за меѓународна соработка

Милко Живковиќ,
наш известувач од Пекинг

Моментот кога гости од странство ќе им дадат до знаење на домаќините дека им се допаѓа оризовото вино, откако за првпат ќе го вкусат префинетиот пијалак, можеби најдобро ја отсликува гордоста на кинескиот град Шаосинг за овој производ, со кој е нераскинливо поврзан преку вековна традиција. Едно од најстарите вина во светот и омилен пијалак на аристократијата за време на кинеските династии Минг (1368-1644) и Чинг (1644-1911) денес е составен дел од формалните банкети во Шаосинг.
А алкохолниот пијалак направен од леплив ориз и квасец зазема истакната улога и меѓу таканаречените брендови со долгогодишна традиција (time-honored brands) од Шаосинг, промовирани минатата недела на свечен настан во Пекинг, во присуство на над 100 гости, вклучувајќи претставници на дипломатски, меѓународни организации и на домашните власти, како и на медиумска делегација од Централна и од Источна Европа. Покрај оризовото вино, на промоцијата беа претставени и чаеви, облека и други традиционални производи со врвен квалитет и долгогодишна традиција. Промоцијата на производите што се извезуваат низ светот го претставува и кинеското отворање за меѓународна соработка.

Престижната титула е знак за квалитет

Самата титула „бренд со долгогодишна традиција“ е знак за квалитет и исклучителен престиж во Кина, па затоа не е лесно да се стигне до неа, како што ни објаснија домаќините на промотивниот настан. Потребно е производот да биде со најмалку 30-годишна традиција и да биде добро прифатен од народот, за да биде разгледуван од надлежните за доделување на обележјето за квалитет. Интересно е што добивањето на престижниот статус не влијае на постојната цена на производот.

„Кинески бренд со долгогодишна традиција“ е титула доделена од Министерството за трговија на Кина на компании со долга историја, кои нудат производи, техники или услуги пренесувани низ генерации. Овие брендови се признаени по тоа што поседуваат посебни кинески културни карактеристики и се широко прифатени од јавноста.

Брендовите со уникатни карактеристики се сметаат за олицетворение на традиционалната култура на Кина и се ценети според нивните висококвалитетни производи, мајсторската занаетчиска изработка и бидејќи преку нивното производство се зачувуваат вештини пренесувани низ генерации. Според неодамнешни податоци, официјално се признаени вкупно 1.455 „кинески брендови со долгогодишна традиција“, со просечна старост од 140 години, опфаќајќи 32 индустрии.

Традиционалните производи во функција на отворањето на Кина за меѓународна соработка

Промоцијата на традиционалните производи послужи и за истакнување на економското отворање на Кина за меѓународнo поврзување, при што во прв план беа посочени многубројните врски со странски партнери што ги негува Шаосинг.
– Нека овој настан понуди длабок увид во историското наследство на Шаосинг, отвореноста на Кина во новата ера и во динамиката поттикната од иновациите, како и за да катализира нови можности за практична соработка меѓу нациите – изјави кинескиот дипломат Џоу Сисонг, позиционирајќи го Шаосинг како „микрокосмос на постојаниот отворен развој на Кина и клучен центар на меѓународното ангажирање“.
На настанот беше нагласена и глобалната поврзаност на Шаосинг преку 57 партнерства меѓу збратимени градови низ 28 држави. Притоа обемот на увоз-извоз во 2024 година достигнал приближно 57 милијарди долари.

Оваа иницијатива за промоција ја користи културната дипломатија за да го забрза глобалното ширење на традиционалните брендови на Шаосинг и за да го поттикне прекуграничниот ентузијазам за производи инспирирани од кинеското културно наследство.

Долгогодишните брендови ги освојуваат и младите генерации

Некогаш сметани за производи наменети првично за повозрасните генерации, долгогодишните брендови ги освојуваат младите потрошувачи со нов свеж изглед, истовремено зачувувајќи ја својата традиција, забележуваат кинеските медиуми.
Со растот на кинеската економија, паралелно се забележува и раст на интересот на помладата генерација за културното наследство. Токму затоа, многу од традиционалните брендови прифаќаат модерни трендови, преку користење нови технологии, материјали и креативни идеи за да поттикнат иновации и за да привлечат млади потрошувачи. Во дигиталната ера, тие го унапредуваат и маркетингот за да им се допаднат на младите и да навлезат на нови потрошувачки пазари.

Владиниот извештај за работа за 2024 година ветува напори за зголемување на потрошувачката на домашни производи, што се очекува да биде дополнителна мотивација за развој на кинеските традиционални брендови.