Според експерти во енергетиката, падот на производство на природниот гас во Русија е последица на два тежишни фактори, и тоа на прекинот на транзитот на гас преку Украина, како и поради тоа што падот на експлоатацијата на природен гас е последица на „невообичаено високите температури и намалената побарувачка од енергетските индустрии“
Рускиот деловен весник „Комерсант“ пишува дека „стапката на опаѓање на руското производство на природен гас се забрзува, при што производството падна за повеќе од 11 проценти во изминатиот месец и забележа пад од 7,3 проценти на годишно ниво во првите два месеца од 2025 година“.
Што е причина за трендот на опаѓање на производството на природен гас во Русија?
Според рускиот деловен весник „Комерсант“, падот е уште позначаен кај „другите производители“, категорија што првенствено го вклучува „Газпром“, кој забележа пад од 13,2 проценти.
Аналитичарите објаснуваат трендот на падот на производство на природниот гас во Русија дека е генерално последица на две причини.
Прво, тоа е резултат на прекинот на транзитот на гас преку Украина и, второ, падот на експлоатацијата на природен гас е последица на „невообичаено високите температури и намалената побарувачка од енергетските индустрии“.
На падот на производството значително влијаеше прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина од 1 јануари, рута што овозможуваше извоз на околу 15 милијарди кубни метри гас годишно. „Газпром“ сега има само една гасоводна рута до Европа – гасоводот Турски тек, со капацитет од нешто помалку од 16 милијарди кубни метри годишно. Во меѓувреме, Русија продолжува да го снабдува европскиот пазар со течен природен гас (LNG).
Гривач: Дел од изгубениот извоз се дополнува со нафтоводот Силата на Сибир (од Русија до Монголија и Кина)
Алексеј Гривач, заменик-директор на Фондот за национална енергетска безбедност, истакна дека падот на побарувачката на природен гас останува главниот фактор за падот на производството, влошен од невообичаено топлото време и затворањето на транзитната рута на украинскиот гас. Тој истакна дека дел од изгубениот извоз се дополнува со нафтоводот Силата на Сибир (од Русија до Монголија и Кина), кој го достигна својот полн капацитет од 38 милијарди кубни метри годишно.
Тој исто така аргументираше дека падот на потрошувачката на гас може да се поврзе и со намалувањето на енергетски интензивните индустрии – како што се производството на челик, градежни материјали и основните хемикалии – во услови на пошироко забавување на руската економска активност. Според Гривач, доколку не дојде до големи промени во динамиката на извозот или екстремни временски услови во текот на летото, сегашниот тренд на производство веројатно нема драматично да се промени. Р.С.