Јужнокорејскиот претседател вчера рано наутро ја укина воената состојба што ја воведе во земјата неколку часа претходно, по тензиите во текот на ноќта во која војниците го опколија парламентот, а пратениците гласаа за отфрлање на неговата одлука. Ваквиот развој на настаните проследен со хаос и неизвесност ја втурна земјата во голема политичка криза
Актот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол предизвика голема политичка криза во Јужна Кореја
Јужна Кореја се справува со неуспешниот обид за некаков вид „државен удар“ од страна на претседателот Јун Сук Јеол, кој траеше шест часа, откако оспоруваниот лидер прогласи воена состојба, но набргу беше принуден да ја прекине по притисокот од јавноста. Јужнокорејскиот претседател вчера рано наутро ја укина воената состојба што ја воведе во земјата неколку часа претходно, по тензиите во текот на ноќта во која војниците го опколија парламентот, а пратениците гласаа за отфрлање на неговата одлука. Ваквиот развој на настаните проследен со хаос и неизвесност ја втурна земјата во голема политичка криза, забележуваат светските медиуми.
Брза реакција на парламентот против одлуката за воена состојба
Претседателот Јун Сук Јеол, кој се чинеше дека најверојатно ќе биде отповикан поради неговите постапки, воведе воена состојба доцна вечерта во вторникот поради несогласувања со опозицијата, ветувајќи дека ќе ги елиминира „антидржавните“ сили додека се бори против ривалите, кои го контролираат парламентот и кои ги обвинува дека се во содејство со соседна Северна Кореја.
Полицајци и воен персонал ги напуштија просториите на парламентот по двопартиското гласање против одлуката на претседателот. Парламентот дејствуваше брзо по воведувањето на воената состојба, при што претседателот на Националното собрание, Ву Вон Шик, изјави дека законот е „неважечки“ и дека пратениците „ќе ја штитат демократијата со народот“. Севкупно, воената состојба беше во сила околу шест часа, пред да биде укината на владин состанок.
Изненадувачкиот потег на претседателот потсети на ерата на авторитарни лидери што земјата ја нема видено од 80-тите години на минатиот век и веднаш беше осуден од опозицијата и лидерот на самата конзервативна партија на Јун.
Ли Јае-Мјунг, лидер на либералната Демократска партија, која има мнозинство во 300-члениот парламент, рече дека пратениците на партијата ќе останат во главната сала на Собранието додека Јун официјално не ја укине својата наредба. Ву аплаудираше кога војниците брзо го напуштија Собранието по гласањето.
– Дури и со нашите несреќни сеќавања за воените удари, нашите граѓани сигурно ги набљудуваа денешните настани и ја видоа зрелоста на нашата војска – рече Ву.
Додека го објавуваше својот план за укинување на воената состојба, Јун продолжи да ги критикува обидите на парламентот да ги отповика клучните владини функционери и високи обвинители. Тој рече дека пратениците се вклучиле во „бескрупулозните акти на законодавна и буџетска манипулација, кои ги парализираат функциите на државата“.
Неизвесна политичката судбина на претседателот
Шест опозициски партии вчера поднесоа предлог-закон до законодавниот дом со кој се повикува на импичмент за Јун, објави „Јонхап“. Предлог-законот се очекува да биде пријавен на пленарна седница веќе денес, а гласањето е закажано за петок или сабота.
Претходно во средата, главната опозициска партија, една од шесте што стојат зад предлог-законот, предупреди дека ќе започне постапка за импичмент доколку Јун не се повлече веднаш и соопшти дека планира да поднесе обвиненија за предавство против претседателот.
Доколку биде одобрена од најмалку две третини од парламентот, иницијативата за импичмент ќе оди до Уставниот суд, каде што најмалку шест судии треба да се согласат да продолжат со постапката за отповикување. За тоа време, претседателот ќе биде суспендиран од вршењето на својата функција.
Шефот на кабинетот на Јун и повеќе од 10 високи секретари на претседателот поднесоа оставки, соопшти кабинетот на претседателот. Шефот на партијата на Јун, исто така, повика на смена на министерот за одбрана затоа што препорача воена состојба.
Ова не е првпат Јун да се соочи со повици за импичмент, по редовните протести со кои се бара негова оставка и петицијата, која доби стотици илјади потписи, објави „Ројтерс“, но многумина познавачи на состојбите сметаат дека неговата политичка кариера е осудена на ненадеен крај по неуспешниот обид за пуч.
Сè уште се вртат прашања околу иднината на претседателството на Јун, владеењето на неговата партија и што ќе се случи следно во една од најважните светски економии и главен сојузник на Соединетите Американски Држави. Р.С.
Јун се соочи со сериозни предизвици од почетокот на својот претседателски мандат, влегувајќи на власт со низок рејтинг, при состојба во која неговите политички противници доминираат во парламентот
Кој е Јун Сук Јеол, човекот зад политичката криза во Јужна Кореја?
Од ветувања за обнова на нацијата до политичка дисфункционалност
Јун Сук Јеол вети дека како претседател на Јужна Кореја ќе ја „обнови оваа голема нација“, „која навистина му припаѓа на народот“, кога го одржа својот инаугурациски говор во мај 2022 година. Наместо тоа, неговото претседателствување беше обележано со зголемена непопуларност и политичка дисфункционалност, што кулминира во вторникот со неговото прогласување воена состојба во земјата, за првпат по повеќе од четири децении, пишува „Фајненшл тајмс“.
Јун се соочи со сериозни предизвици од почетокот на својот претседателски мандат, доаѓајќи на власт со низок рејтинг, при состојба во која неговите политички противници доминираат во парламентот.
Шеесет и тригодишниот поранешен обвинител, кој одигра главна улога во успешното гонење на поранешните претседатели Парк Геун-хе и Ли Мјунг Бак, никогаш немал политичка улога пред да ја објави својата претседателска кандидатура во 2021 година. На изборите следната година тој извојува победа против својот либерален ривал со само 0,73 отсто, што е најтесна разлика забележана при изборна победа во Јужна Кореја.
Јун рано го почувствува предизвикот со кој ќе се соочи од парламентот контролиран од опозицијата, кога се бореше да добие одобрение за преферираните кандидати за кабинетот, од кои четворица беа принудени да се повлечат поради обвинувањата за несоодветност. Тешкотиите продолжија додека Јун се обидуваше да донесе закон. Од јануари годинава, беа усвоени само 29 отсто од предлог-законите поднесени од неговата влада до парламентот. Јун одговори со користење на претседателското право на вето за да го уништи законодавството спонзорирано од опозицијата, ставајќи вето на повеќе закони од кој било од неговите претходници од крајот на воената власт во 1987 година.
Неговата непопуларност беше нагласена со парламентарните избори во април, кои донесоа уште едно големо мнозинство за опозициската Демократска партија. Р.С.