Фото: ЕПА

Заврши краткотрајната трета рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина

Продолжување на размената на воени заробеници, како и на цивили е резултат на третата рунда преговори меѓу делегациите на Русија и на Украина одржана во Истанбул, Турција.
Шефот на руската делегација на преговорите, Владимир Медински, изјави дека Русија ѝ понудила на Украина размена на најмалку 1.200 воени заробеници од двете страни, како и Киев да го разгледа прашањето за кратки прекини на огнот од 24 или 48 часа за да се преземат ранетите и телата на загинатите војници.
Русија понудила да ги предаде телата на уште три илјади украински војници, додавајќи дека Москва досега ги вратила телата на повеќе од 7.000 украински војници на Киев, но додал и дека ќе продолжат неограничените медицински размени на тешко ранети и болни лица на борбената линија.
Медински навел дека руската делегација понудила Украина да формира три работни групи што би работеле онлајн, како и дека сите хуманитарни договори од втората рунда се исполнети. Двете страни разговарале и за прашањето за враќање на цивилите раселени како резултат на воените операции.
Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и шеф на украинската делегација на преговорите, Рустем Умеров, по состанокот изјави дека Украина продолжува да инсистира на целосен и безусловен прекин на огнот како неопходна основа за ефикасна дипломатија. Во палатата „Чираган“, каде што се одржаа преговорите, присутни биле и турски функционери. Р.С.