Грузија
Одлуката на грузиската влада да ги прекине напорите за пристапување во Европската Унија предизвика масивен бран политички протести во Грузија. И изминатиов викенд имаше немири. Демонстрантите бараа оставки и повторување на изборите. Протестите кулминираа со три последователни ноќи на протести во главниот град Тбилиси, токму пред изминатиот викенд, при што демонстрантите се собраа околу зградата на парламентот, подигајќи барикади, придружени со големи огнови. Полицијата употреби водени топови, солзавец и други методи за да ја растера толпата. Медиумите известуваат дека околу 100.000 луѓе излегоа на улиците изминатиов викенд, со барања за нови избори.
За потсетување, немирите се резултат на ненадејната одлука на премиерот Иракли Кобахиџе, кој најави дека ќе се повлече од членството во ЕУ и ќе одбие финансирање од Унијата до 2028 година, не верувајќи на ветувањата на Брисел дека Грузија ќе ѝ се приклучи на ЕУ до крајот на деценијата. Тој подвлече дека и во минатото имало вакви и слични ветувања од ЕУ, но дека сите тие биле лажни и дека постојано кон Тбилиси се испорачуваат нови и нови барања. Неколку високи функционери, вклучувајќи и амбасадори во Италија, Холандија и Литванија, поднесоа оставки во знак на протест поради одлуката. Оставка поднесе и заменик-министерот за надворешни работи Темур Јањали. Грузискиот претседател Саломе Зурабишвили изрази јавно несогласување со одлуката на Владата на Грузија, тврдејќи дека нема мандат да остане на власт и ја повика ЕУ да ги надгледува новите избори. Европскиот парламент (ЕП) исто така ги осуди изборите одржани во октомври во Грузија, тврдејќи дека „не биле ниту слободни ниту фер“, при што ЕП повика на повторување на изборите. Официјалните претставници на ЕУ предупредија на кршење на правата, вклучувајќи и „воведување закони инспирирани од Русија со кои невладините организации се етикетираат како ’странски агенти’ и репресија на ЛГБТК+ заедницата“. И САД воведоа санкции против политичките лидери од Грузија. Специјалниот известувач на ОН, Џина Ромеро, изрази загриженост за насилството и ги повика властите да го почитуваат правото на мирно собирање.
Политичките аналитичари предвидуваат натамошни ескалации. Р.С.