
„Блумберг“ ексклузивно открива дека „руските претставници истражуваат опции (пред посетата на американскиот претставник Стив Виткоф на Москва неделава) за ограничено воздушно примирје“ што вклучува паузирање на нападите со беспилотни летала и ракети, како чекор кон целосно примирје на војната во Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја потврди важноста на состаноците со Виткоф, но одби да коментира какви било конкретни предлози…
Некои детали од ставовите на Русија и на САД за ставање крај на оружениот конфликт во Украина
Светските агенции „Ројтерс“ и „Блумберг“, врз основа на информации од сопствени извори, објавуваат вести дека рускиот претседател Владимир Путин веројатно нема да му угоди на ултиматумот со санкции на неговиот американски колега Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, кој истекува утре. Во вестите се додава дека Кремљ разгледува предлог за паузирање на нападите со долг дострел во Украина како потенцијална отстапка, дури и додека останува посветен на продолжување на оружените акции.
За потсетување, американскиот претседател Трамп се закани дека „ќе ја погоди Русија со нови санкции и ќе воведе стоотстотни царини за земјите што купуваат нејзина нафта, меѓу кои најголеми се Кина и Индија“, освен ако Путин не се согласи на прекин на огнот во Украина.
Најпрвин „воздушно примирје“?!
Според „Блумберг“, руските претставници истражуваат различни опции пред посетата на американскиот претставник Стив Виткоф на Москва неделава. Виткоф се очекува да ја посети Русија по ескалацијата на реториката меѓу Вашингтон и Москва околу ризиците од нуклеарна војна. Русија во понеделникот соопшти дека повеќе не е обврзана со мораториум за нуклеарни ракети со краток и среден дострел.
Можна понуда што се разгледува е ограничено „воздушно примирје“ што вклучува паузирање на нападите со беспилотни летала и ракети, но само ако Украина се согласи на таквата можност. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја потврди важноста на состаноците со Виткоф, но одби да коментира какви било конкретни предлози. Американскиот претседател Трамп претходно потврди дека Виткоф може да отпатува во Русија неделава.
Виткоф веќе се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во април. Неговите интеракции со Путин, вклучувајќи ги и користењето преведувачи обезбедени од Кремљ и повторувањето на руските наративи за војната, беа критикувани од официјални лица во Вашингтон и во странство. Иако не се очекува рускиот претседател Путин да се согласи на целосен прекин на огнот, Москва бара начини да го намали зголемениот притисок од Трамп, пишува „Блумберг“.
– На Трамп му е потребен некаков подарок, отстапка од Русија. Воздушно примирје би можело да биде таков подарок – изјави за „Блумберг“ Сергеј Марков, политички аналитичар поврзан со Кремљ.
Идејата за „воздушно примирје“ беше отворена и минатата недела од белорускиот претседател Александар Лукашенко за време на разговорите со Путин на 1 август, иако рускиот претседател не ја коментираше јавно. Лукашенко претходно дискутираше за концептот со претставникот на Трамп за Украина, Кит Келог, за време на ретката посета на американски претставници на Белорусија во јуни. Се очекува Келог неделава да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Русија им дава приоритет на воените цели
Русија ја задржува целта за целосно освојување четири региони во Украина, изјавија за „Ројтерс“ извори блиски до Кремљ. Решеноста на Путин да продолжи е поттикната од неговото верување дека Русија победува и од скептицизмот дека уште повеќе американски санкции ќе имаат големо влијание по последователните бранови економски казни за време на досегашните три и пол години од почнување на војната, според три извори на „Ројтерс“ запознаени со дискусиите во Кремљ.
Рускиот лидер не сака да го налути Трамп и сфаќа дека можеби ја отфрла шансата да ги подобри односите со Вашингтон и Западот, но неговите воени цели имаат предност, изјавија двајца од изворите.
Целта на Путин е целосно да ги освои украинските региони Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои Русија ги смета за свои, а потоа да разговара за мировен договор, рече еден од изворите.
– Тековниот процес на преговори, во кој руските и украинските преговарачи се состанаа трипати од мај, беше обид на Москва да го убеди Трамп дека Путин не го отфрла мирот – рече првиот извор, додавајќи дека разговорите биле лишени од вистинска суштина освен дискусиите за хуманитарни размени.
Русија вели дека е сериозна во врска со договорување долгорочен мир во преговорите, но оти процесот е комплициран затоа што ставовите на двете страни се доста оддалечени. Путин минатата недела ги опиша разговорите како позитивни.
Територијалните добивки ја одвраќаат Москва од прекин на војната?
Барањата истакнати од Москва вклучуваат целосно повлекување на Украина од четирите региони и прифаќање неутрален статус од страна на Киев и ограничувања на големината на нејзината војска – што Украина веќе ги отфрли.
Но, со напредувањето на силите на Москва на бојното поле и Украина под силен воен притисок, рускиот претседател Путин не верува дека сега е време да ѝ се стави крај на војната, рече еден од изворите, додавајќи дека ниту рускиот народ ниту армијата нема да покажат разбирање ако војната застане сега.
– Лидерот на Кремљ го цени односот со Трамп, меѓутоа „тој едноставно има врвен приоритет – Путин не може да си дозволи да ја заврши војната само затоа што Трамп го сака тоа – рече вториот руски извор.
Трето лице запознаено со размислувањето на Кремљ, исто така, посочи дека Русија не гледа логика во запирањето во период на добивки на бојното поле за време на летната офанзива на Русија. Украина претрпе некои од најголемите територијални загуби годинава во последните три месеци, вклучувајќи 502 квадратни километри во јули, според „Блек берд груп“, центар за воени анализи со седиште во Финска. Вкупно, Русија контролира околу една петтина од Украина.
Сепак, неодамнешните добивки на Русија остануваат релативно мали во чисто територијална смисла, со само 5.000 квадратни километри од Украина преземени од почетокот на минатата година, што е помалку од еден отсто од вкупната територија на земјата, според извештајот од јуни од Центарот за стратешки и меѓународни студии со седиште во Вашингтон. Украински и западни воени извори признаваат дека Русија остварува добивки, но само постепено и со големи жртви.
Еден од руските извори забележува дека Русија, продолжувајќи го конфликтот, го врти грбот на понудата на САД дадена во март, според која Вашингтон, во замена за договор за целосен прекин на огнот, ќе ги отстрани санкциите на САД, ќе го признае руското поседување на Крим и де факто руската контрола врз територијата заземена во Украина од 2022 година.
Р.С.
Москва се сомнева во моќта на заканите на Трамп
Заканата со нови санкции врз Русија на американскиот претседател Трамп беше „болна и непријатна“, но не и катастрофа, при што не беше јасно дали тој ќе го исполни својот ултиматум, додавајќи дека „американскиот претседател и претходно упатил закани“, а потоа не дејствувал или се премислил, посочуваат изворите на „Ројтерс“.
Тие исто така посочуваат оти е тешко да се замисли дека Кина ќе престане да купува руска нафта по инструкции од Трамп и дека неговите постапки ризикуваат зголемување на цените на нафтата, што би било штетно и по САД.
Како последица на претходните рунди санкции, руските извозници на нафта и гас претрпеа големи удари врз нивните приходи, а странските директни инвестиции во земјата се намалија за 63 отсто минатата година, според трговските податоци на ОН. Околу 300 милијарди долари во средства на централните банки се замрзнати во странски јурисдикции. Кремљ притоа постојано повторува дека Русија има одреден „имунитет“ на санкциите, а дури и Трамп ја призна вештината на Русија во заобиколувањето на мерките.
Р.С.