Алтернативата на деценискиот процес на проширување на Европската Унија би била оживување на концептот за што се водеше расправа пред повеќе од две децении – придружно членство како прелиминарна фаза на полноправно членство. Ова е ставот на истражувачот на берлинскиот Центар за меѓународни мировни операции (ЗИФ) Андреас Витковски.
Брзо членство во ЕУ сакаат и Украина и Молдавија и Грузија.
Таканареченото асоцијациско трио, формирано во рамки на Источното партнерство на ЕУ, ја презеде работата во свои раце, пишува Витковски во авторски текст, објавен од ЕУ обсервер.
Украина кон крајот на февруари побара членство во ЕУ, потоа и Молдавија и Грузија. Поради руската агресија на Украина, Европскиот Совет веднаш ѝ наложи на Европската Комисија да ги разгледа апликациите, јави Бета.
Во текстот „Повторно разгледување на придружно членство: Како да се поправи политиката на проширување на ЕУ“, Витковски пишува дека ЕУ, по самитот во Версај, наместо да испрати моќен политички сигнал, остана во дефанзива, додека нејзините лидери ја уверуваа Украина дека земјата е дел од „европското семејство“. Меѓутоа, никој не сакаше да влева надеж околу брз процес за членство.
Разбирливи се мотивите на тројцата аспиранти – како сведоци на инвазијата на Украина, тие сакаат зајакнати, брзи и поголеми обврзувачки врски со ЕУ. Тие не очекуваат само проширена поддршка, туку и поголема безбедност. Меѓутоа, процесот на пристап може да трае со децении и тешко дека е погоден за геополитички пречки.
Триото не е подготвено за пристап и покрај сите напори, едвај и малку да ги исполнува копенхашките критериуми што се предуслов за членство во ЕУ – стабилни демократски институции, владеење на правото и конкурентна пазарна економија.
Од друга страна, ЕУ моментално е преоптоварена за да прима нови членки и претседавајќи на Советот, францускиот претседател Емануел Макрон, бара реформи за Унијата да има капацитет за прием. Тука се и споровите поради политиката на Полска и Унгарија, како и војната во Украина.
Според зборовите на авторот на текстот, пред ЕУ се две можности – да остане на курсот или донесе одлука за нешто ново, со што би испратила силен политички сигнал.
Со продолжување на сегашната политика, „триото за асоцијација“ ќе се турне во повеќедецениски процес, што е мошне неизвесен, со оглед на споменатите внатрешни тешкотии на ЕУ. Се разбира, би се нуделе поголема помош, поблиска соработка, можна интеграција во Европскиот економски простор. Во материјална смисла, тоа сигурно би помогнало.
Но, уште сега ЕУ е сè помалку успешна во „пакувањето“ на поддршката за земјите од Источното партнерство, на начин, што дава позитивни импулси и гледа кон иднината.
Истото може да се види и кај Западен Балкан – 20 години одложени перспективи и неодржани ветувања значајно го намалија кредибилитетот на ЕУ, особено прашањето со визна либерализација за Косово, или постојаното одложување на почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Авторот наведува дека материјалните стимулации на ЕУ, помагаат сè помалку и се истакнува дека изгубен е политичкиот замав.
Алтернатива би била оживување на концептот придружно членство. За време на преминот од вториот во третиот милениум, таа идеја е отфрлена како промоција на исклучиво симболичка политика. Но, мрачните времиња бараат блескави симболи, наведува авторот.
Предноста на придружното членство, е тоа што лесно може да се реализира. Придружните членки би имале пристап до истите бенефиции што веќе ги добиле со договори за придружување на ЕУ. Би можеле да бидат придружувани и со дополнителни стимулации. Би им било скратено полното учество во институциите на ЕУ, а може да се размислува и за статус на набљудувач. На таков начин, патот до полноправо членство би можел да трае подолго, а да не предизвика трајно разочарување, тврди авторот.
Секако, истакна тој, промената на политиките за пристап, е болна. Но, такви времиња се. Со испраќање силен политички сигнал до „асоцијациската тројка“, ЕУ би можела да излезе од парализирачката одбрана, што им се заканува на нејзината репутација и на нејзиниот политички капитал на подолг рок, заклучи Витковски.