Фото: ЕПА

Претставниците на малите островски држави и најмалку развиените земји го напуштија денеска консултативното заседание со азербејџанското претседателство на климатската конференција на ОН во Баку (КОП29) во знак на протест против финансискиот договор што се подготвува – пренесоа светските агенции.

„Излеговме“, рече претставникот на Самоа, Седрик Шустер, во име на групата островски нации додека КОП29 продолжува без изгледи за компромис.

Преговарачи од богатите и сиромашните земји денеска се собраа во една просторија на подолги од очекуваните разговори за климата под покровителство на Обединетите нации. Клучното прашање е договорот за финансиски средства за да им се помогне на земјите во развој да се прилагодат на климатските промени – забележуваат агенциите.

Според првичните информации, нацрт-предлогот бил категорично отфрлен, особено од африканските земји и малите островски држави.

– Сегашниот договор за нас е неприфатлив. Треба да разговараме со другите земји во развој и да одлучиме што да правиме – рече Еванс Ниева, претседател на групата на најмалку развиени земји.