Одборот за надзор и владини реформи на американскиот Претставнички дом повика седум лица да сведочат во рамки на истрагата за врските со покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епстин, меѓу кои и коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.
Претседателот на Одборот, Џејмс Комер, изјави дека постои уверување оти повиканите лица располагаат со информации релевантни за истрагата, која опфаќа наводно несоодветно водење на федералната истрага за Епстин и неговата соработничка Гилејн Максвел, како и можни обиди за влијание со цел заштита на нивните нелегални активности, – пренесе МИА.
Покрај Гејтс, на сослушување се повикани и поранешните соработници на Епстин, Лесли Гроф и Сара Келен, поранешната советничка во Белата куќа за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, Кетрин Рамлер, коосновачот на „Аполо Глобал Менаџмент“, Леон Блек, долгогодишниот соработник на поранешниот претседател Бил Клинтон, Даг Бенд, како и технолошкиот претприемач Тед Вејт.
Сослушувањата се закажани во периодот од 16 април до 9 јуни, при што ниту едно од повиканите лица досега не е кривично обвинето во рамки на случајот Епстин.
Портпаролот на Бил Гејтс изјави дека тој „никогаш не бил сведок ниту учествувал во какво било незаконско однесување на Епстин“.
































