Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ја отфрли резолуцијата со која требаше да се ограничат воените операции на американскиот претседател Доналд Трамп против Иран, само еден ден откако истата иницијатива беше блокирана и во Сенатот, објави „Ен-би-си Њуз“.
Гласањето во Претставничкиот дом заврши со 212 гласа „за“ и 219 „против“, со што резолуцијата не доби потребно мнозинство. Предлогот беше поддржан од мнозинството демократи, но само двајца републиканци гласаа во негова корист.
Со резолуцијата се бараше запирање на американските воени операции против Иран сè додека Конгресот на САД официјално не одобри објавување војна или употреба на воена сила.
Демократите нагласија дека според Уставот токму Конгресот има право да објави војна и предупредија дека САД не смеат да бидат вовлечени во нов долготраен конфликт на Блискиот Исток.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, го обвини Трамп дека ја турка земјата во „уште еден бесконечен конфликт“, додека, според него, се занемаруваат домашните проблеми како цените на храната, здравствената заштита и домувањето.
Републиканците, пак, тврдат дека претседателот имал обврска да реагира поради „непосредна закана“ за безбедноста на САД.
Напнатоста во регионот ескалираше откако САД и Израел извршија напади врз Иран, кои ги нарекоа превентивни, по неуспешните преговори за иранската нуклеарна програма. Потоа Иран возврати со напади насочени кон Израел и цели поврзани со САД во регионот на Блискиот Исток.
































