Фото: ЕПА

Чешкиот претседател Петр Павел денеска го назначи милијардерот и лидер на партијата „Акција на незадоволни граѓани“ (АНО), Андреј Бабиш, за нов премиер на земјата. Назначувањето беше извршено на официјална церемонија, пренесувана во живо.

Бабиш, чија партија победи на парламентарните избори одржани на 3-4 октомври, ќе ја преземе власта од десноцентристичката влада откако ќе биде назначен целиот негов кабинет, што се очекува да се случи подоцна овој месец.

Седумдесет и едногодишниот Бабиш се враќа на власт по четири години во опозиција, период во кој неговите либерално-центристички политики се трансформираа во политики поблиски до оние на крајно десните сили, придружувајќи се на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент.

Во неговата влада ќе учествуваат крајнодесничарската, евроскептична и проруска партија „Слобода и директна демократија“ (СПД) и партијата „Автомобилисти за себе“, чија главна цел е да се спротивстави на климатските политики на ЕУ.

Трите партии располагаат со 108 места во 200-члениот долен дом на чешкиот Парламент.

Согласно Уставот на земјата, новиот премиер мора да побара гласање доверба од парламентот во рок од 30 дена од стапувањето на должност.

Бабиш ветува дека ќе ја намали воената помош за Украина од националниот буџет и вели дека е можно новата влада да ја прекине иницијативата за муниција што ја раководи Чешка, преку која се обезбедува крупнокалибарна муниција за Украина од целиот свет. Бабиш вели дека шемата не е транспарентна и е премногу скапа, но не дал јасна позиција за иднината на проектот, кој ужива силна поддршка од претседателот Павел.

Павел го назначи новиот премиер откако Бабиш минатата недела најави дека неговиот главен имот – групацијата „Агроферт“, која се состои од повеќе од 200 компании во хемиската, прехранбената, земјоделската и други индустриски гранки – ќе го пренесе во специјален труст, со цел да избегне конфликт на интереси додека е на власт.