Фото: ЕПА

Силниот фокус на администрацијата на Трамп да отвори широки канали на комуникација со т.н. Глобален Југ може да биде поттикнат од геополитичката конкуренција и економскиот прагматизам, констатираат аналитичарите што се занимаваат со геополитика и геоекономија

Трамп сака да изгради сојуз меѓу големите сили САД, Кина, Индија, Русија и други земји со релација што им дава приоритет на прагматичните заемно корисни односи

Новата американска администрација ги интензивира релациите со т.н Глобален Југ уште во првите денови по инаугурацијата на претседателот на САД. Овој тренд веќе го регистрираа западните медиуми, со објавувањето на информациите во врска со првите телефонски разговори на Доналд Трамп (и државниот секретар Марко Рубио) со претставници од Кина, Индија, Саудиска Арабија, Кенија и од Израел.

Првиот разговор на Трамп со странски лидер беше со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман ал Сауд

За време на разговорот меѓу претседателот на САД и принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, последниов, според западните медиуми, изразил желба „да ги зголеми саудиските инвестиции во САД на 600 милијарди долари“. Медиумите пишуваат дека „Трамп реагирал позитивно и навестил дека неговата прва посета на странство би можела да биде во саудиското кралство“.
Натаму, медиумите регистрираат дека Доналд Трамп исто така разговарал со индискиот премиер Нарендра Моди, па со претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, и со јорданскиот крал Абдула Втори, како и со британскиот премиер Кир Стармер. Медиумите издвојуваат еден интересен факт, а тоа е дека „премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, бил единствениот западен лидер со кој Трамп контактирал во првите девет дена од неговото претседателствување“.

Претседателот на САД отвора нови канали на комуникација со Глобалниот Југ

Силниот фокус на администрацијата на Трамп да отвори широки канали на комуникација со т.н. Глобален Југ може да биде поттикнат од геополитичката конкуренција и економскиот прагматизам, констатираат аналитичарите што се занимаваат со геополитика и геоекономија.
– Контактите на новата администрација на Трамп со Кенија укажуваат на растечката стратегиска важност на Африка. Трамп можеби ги поставува темелите за нов светски поредок. Имено, Трамп го заменува стариот модел со нов, кој се оддалечува од традиционалното ривалство на големите сили со САД кон соработка – тврди вишиот истражувач во Институтот за американски и канадски студии Владимир Василев.
Трамп сака да изгради сојуз меѓу големите сили САД, Кина, Индија, Русија и можеби други земји.
– Иако оваа рамка дозволува можно ривалство и конкуренција, таа рамка на Трамп им дава приоритет на прагматичните заемно корисни односи, додека, се разбира, Вашингтон сака да одржи одреден степен на лидерство. Но, напорите на американската администрација да допре до Глобалниот Југ доаѓаат и со одредени предизвици – тврди Василев, додавајќи дека „управувањето со ангажманот и конкуренцијата со Кина останува сложено.
Според него, Индија, иако стратегиски партнер, продолжува да води независна надворешна политика, како што се гледа на примерот со купување руска нафта и покрај санкциите.

Кратко потсетување за тоа што е т.н. Глобален Југ (или земји во развој), со кој Трамп сака нови и продлабочени релации

Кога се зборува за Глобалниот Југ се мисли на група земји што покрај географската положба (јужна страна на Земјината полутопка), ги поврзуваат и социоекономијата и политиката. Тоа се претежно економии во развој, а многу од овие земји се или биле објекти на колонијализмот. Глобалниот Југ генерално ги опфаќа Африка, Латинска Америка и Карибите, Азија (со исклучок на Израел, Јапонија и Јужна Кореја) и Океанија (со исклучок на Австралија и Нов Зеланд). Русија (вообичаено) не е класифицирана како земја на Глобалниот Југ. Многу земји и нивните лидери би сакале да се позиционираат како неформални лидери или претставници на таквиот Глобален Југ. Така, индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека „да им се даде глас на приоритетите на Глобалниот Југ“ е централна цел на индиското претседателство со Г20 во 2023 година.
Влијателната американска фондација „Карнеги“ пишува дека концептот на Глобалниот Југ се појавил кон крајот на 1960-тите години и главно се користел како синоним за поимот „земји од третиот свет“. Денес, пишуваат тие, евидентно е враќањето на терминот Глобален Југ кај политичарите, во медиумите, но и меѓу научните трудови. Тие тврдат дека со тој термин „флексибилно се опфаќаат околу 130 земји, но критериумите за влез во таа група се многу нејасни и земјите варираат толку многу што користењето на терминот внесува повеќе конфузија отколку јасност“. Р.С.


Економијата на еврозоната стагнираше во четвртиот квартал од 2024 година. Силен и негативен „импакт-фактор“ за оваа состојба, според аналитичарите, е политичката нестабилност, што е стравотен баласт за двете економски најсилни земји во ЕУ: Германија и Франција

Надолниот тренд на двете најголеми европски економии ја влече надолу и економијата на цела Европа

Франција и Германија наместо „со полни едра“, фрлија „тешка котва“

Според објавената информација и анализа на „Евростат“, бруто-домашниот производ (БДП) во еврозоната остана непроменет во четвртиот квартал од 2024 година во однос на претходниот квартал, што значи дека не пораснал. Ова е првпат економијата на еврозоната да не успее да порасне од четвртиот квартал на 2023 година. На ниво на ЕУ, растот беше скромни 0,1 отсто.
БДП се намали и во Франција и во Германија во четвртиот квартал, за 0,1 отсто и 0,2 отсто, соодветно. Овие две земји заедно сочинуваат околу половина од БДП на еврозоната. Пад на БДП во последниот квартал е забележан и во Ирска (-1,3 отсто). Според првата процена за годишниот раст за 2024 година, БДП порасна за 0,7 отсто во еврозоната и за 0,8 отсто во ЕУ, објави „Евростат“.
На Франција ѝ недостига стабилна влада од изборите во средината на минатата година, додека Германија се соочува со предвремени избори во февруари, по распадот на нејзината трипартиска владејачка коалиција. Шпанија, управувана од кревка малцинска влада, забележа економски раст од 0,8 отсто – надминувајќи ги прогнозите на аналитичарите за 0,2 процентни поени. Севкупно, нејзината економија порасна за 3,5 отсто на годишно ниво, што ја прави најбрзорастечка економија во еврозоната.
Од друга страна, пораснаа економиите и на Португалија, Литванија и Унгарија. Овој резултат е пресврт на трендот забележан за време на големата финансиска криза од 2008 година, кога јадрото на еврозоната беше нешто поотпорно на шокот, додека помалите и периферни земји беа заробени во должничка криза и мерки за штедење, забележува реномираниот „Политико“. Лошите економски перформанси, заедно со ризиците од трговски тензии со САД и во Кина, значи дека Европската централна банка ќе реагира и натаму со намалување на каматните стапки. Лошиот резултат, исто така, врши поголем притисок врз претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која пред некој ден ги претстави пакетот политики насочени кон намалување на бирократијата и забрзување на растот ан Европската Унија.

Дали економското стагнирање на Европа ги одложи плановите на Брисел за построги санкции кон Русија во врска со ЛНГ-енергентот?

Европските планови за воведување построги санкции кон Русија поради гасот ЛНГ се одложени. Европската комисија (ЕК) го одложи усвојувањето на новата стратегија за целосно прекинување на испораките на руско гориво од крајот на март, со посебен фокус на течен природен гас (ЛНГ). Имено, ЕУ во последно време, констатирајќи економско и енергетско назадување, значително го зголеми увозот на ЛНГ, во обид да го амортизира надолниот економско-енергетски тренд. Иако Европската комисија наскоро ќе го претстави својот 16-ти пакет санкции против Русија, според некои западни медиуми (кои цитираат два анонимни дипломатски извора), новите предлог-санкции кон Русија нема да вклучуваат општа забрана за увоз на руски ЛНГ. Оваа информација прв ја лиферува реномираниот медиум „Политико“, при што додава дека „наместо тоа, ќе биде блокиран пристапот за рускиот ЛНГ до терминалите во ЕУ што не се поврзани со гасниот систем на ЕУ – ограничување што нема да влијае на најголемиот дел од увозот на ЛНГ“. Огромното мнозинство на руски ЛНГ пристигнува во пристаништата во Шпанија, Белгија и Франција од фабриката „Јамал“, огромен капацитет во северен Сибир.
Минатиот месец десет земји од ЕУ – вклучувајќи ги Финска, Полска и балтичките земји – ја повикаа Европската комисија „да го забрани увозот на руски гас и ЛНГ што е можно поскоро“. Тоа е всушност „факторот на поделба во ЕУ“ што сѐ уште предизвикува длабоки несогласувања. Рускиот извоз на течен природен гас се зголеми на рекордни 33,6 милиони тони минатата година, а повеќе од половина купија европските земји. Претставниците на ЕУ сега подготвуваат планови за целосна забрана на руските испораки на ЛНГ во регионот. Од почетокот на украинскиот конфликт, Европа се обидува да ја намали зависноста од руската енергија.

Европа сѐ повеќе игра на картата на „азербејџанскиот гас“

До 2022 година ЕУ беше најголемиот потрошувач на руски гас. Во 2021 година рускиот гас сочинуваше околу 45 отсто од увозот во ЕУ, при што Москва снабдуваше повеќе од 150 милијарди кубни метри гас годишно. До минатата година таа бројка падна на 30 милијарди кубни метри, од кои половина сè уште минуваат низ Украина. Откако Киев го запре транзитот на руски гас во јануари 2025 година, се појавија дискусии за можно продолжување на испораките. Еден предлог вклучува т.н. „рутирање“ на азербејџански гас преку Украина, но експертите се скептични околу неговата изводливост. Но повеќе западни експерти се скептични за оваа идеја, за која се залагаше и украинскиот претседател Зеленски.
– Азербејџан веќе го максимизира својот извоз на гас во Европа – истакнуваат аналитичарите.
За издвојување е дека ова мислење го дели и Владимир Чернов, експерт во руската компанија „Фридом фајненс глобал“.
– Според Договорот за стратегиско партнерство на Азербејџан со ЕУ, земјата има цел да ги зголеми испораките на гас во Европа до крајот на 2027 година, достигнувајќи годишно ниво од 20 милијарди кубни метри. Сепак, дури и со зголемен извоз, Азербејџан не може целосно да го замени рускиот гас – рече тој.
Азербејџанскиот гас сè уште може да го најде својот пат до ЕУ, а најизводлива опција е користење на постојните руски гасоводи.
– Сепак, таквиот потег изгледа политички неодржлив во оваа фаза – рече Дмитриј Александров, шеф на аналитичко истражување во „АВИ капитал“. Р.С.