Благите ставови кон Софија ја поткопуваат ефективноста на пресудите на ЕСЧП
Најстарата од групата шест пресуди, чие извршување го следи Комитетот на министрите на Советот на Европа, го доживеа своето полнолетство – 18 години. Период во кој властите на Бугарија не напреднаа ни за чекор во нивното извршување
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур
Комитетот на министрите на Советот на Европа во својата најнова одлука, донесена на 1.507-от состанок на делегатите на министрите, истакна дека властите во Бугарија и натаму не ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и не дозволуваат регистрација на здруженијата што се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија.
Оваа група пресуди се однесува на неоправдано одбивање од страна на судовите, помеѓу 1999 и 2015 година, да ги регистрираат здруженијата апликанти, врз основа на консидерациите (оценети од страна на бугарските судови) дека претставуваат опасност за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (имено, здруженијата имаат цели насочени кон „признавање на македонско малцинство“ и наводни сепаратистички идеи) и за уставната забрана за здруженија што остваруваат политички цели, како и непочитување на формалноправните барања, што, според Судот од Стразбур, значи повреда на членот 11 од ЕКЧП – правото на слободно здружување.
Најстарата од групата шест пресуди, чие извршување го следи КМ на СЕ, го доживеа своето полнолетство – 18 години. Период во кој властите на Бугарија не напреднаа ни за чекор во нивното извршување.
Постојано одбивање регистрација на здруженијата што ги застапуваат правата на Македонците
Комитетот на министрите притоа во својата одлука уште еднаш жали што, и покрај мерките усвоени од властите помеѓу 2018 и 2024 година, усвојувањето на Привремената резолуција ЦМ/РесДХ(2020)197 и последователните одлуки, повеќе од 18 години по првата правосилна пресуда во оваа група, здруженијата што имаат цел „добивање на признавање на македонското малцинство“ продолжуваат редовно да се одбиваат за регистрација, главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели; исто така, имајќи предвид дека очигледно неконзистентната примена на формалните барања отвора прашања за правна сигурност за здруженијата апликанти и слични здруженија.
Секретаријатот на Советот на Европа тука ги наведува серијата обиди на различни здруженија што имаат цел да се заштитат правата на Македонците во Бугарија, да се регистрираат, но секогаш се одбиени или, пак, им биле поништени регистрациите.
Да ги наведеме истите тие, за кои „Нова Македонија“ веќе подетално пишуваше: Пријави за регистрација на ОМО „Илинден“ од 30 јуни 2022 година, барање за регистрација од 2.2.2023 година, барање за регистрација од 22 јануари 2024 година. Пријави за регистрација на Друштвото на Македонците репресирани во Бугарија жртви на комунистичкиот терор од 7.3.2022 година, барање за регистрација од 19 септември 2022 година, Апликација за регистрација од 24 јули 2023 година. Одбивање да се регистрира Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија по барањето поднесено на 8 јуни 2021 година.
Во 2019 година Агенцијата регистрираше две здруженија – „Граѓанско здружение за заштита на основните индивидуални права“ и „Антички Македонци“, но тогашниот вицепремиер побара од обвинителството да побара нивно распуштање. По барање на обвинителството, судот во Благоевград нареди во јули 2020 година распуштање на Граѓанското здружение за заштита на основните индивидуални права. Жалбата на здружението е одбиена поради доцнење. Во декември 2022 година, комитетот со загриженост го забележа распуштањето на ова здружение од причини мотивирани од негативна оценка на нејзините цели, отфрлени од Европскиот суд во сегашните пресуди, наместо поради реални незаконски активности.
Потоа се набројуваат и другите неодамнешни одбивања да се регистрираат здруженија слични на здруженијата апликанти:
– Одбивање регистрација на ОМО „Илинден“ – Благоевград на 9 февруари 2023 година, на 18 септември 2023 година, агенцијата повторно ја одби регистрацијата, со образложение дека целите на здружението не соодветствуваат со оние на приватно здружение од јавен интерес и дека не е наведен предметот на помошната трговска дејност.
– Одбивање регистрација на ОМО „Илинден“ – Пловдив на 2 јуни 2023 година, на 31 октомври 2023 година, агенцијата повторно ја одби регистрацијата.
– Одбивање регистрација на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ – Благоевград на 7 февруари 2023 година.
– Одбивање регистрација на Здружението за заштита на основните индивидуални права на 28 јули 2023 година. На 9 август 2023 година, агенцијата повторно одби регистрација.
Комитетот на министрите во најновата одлука истакна дека властите на Бугарија формираа работна група, која веќе го одржа својот прв состанок, за да ја процени потребата и да предложи можни законски измени, за евентуална регистрација на здруженијата, но барем засега останува само на тоа.
Извршното тело на СЕ ги повикува властите да преземат решителни мерки што комитетот ги побара во своите претходни одлуки, за да се осигури дека сите нови барања за регистрација на здруженијата баратели или слични здруженија се испитуваат во целосна согласност со обврската за заштита на правото на слобода на здружување според членот 11 од конвенцијата.
Притоа претставниците на 45-те земји членки на СЕ го повторуваат своето барање за редовни пораки на високо ниво до јавноста и засегнатите страни, за да се разјасни дека овие пресуди не доведуваат до обврска за признавање група луѓе како малцинство или за обврска за автоматска регистрација, туку дека тие значат дека не е можно да се одбие регистрацијата врз основа на одбиени од Европскиот суд; и дека регистрацијата на здруженија со слични цели треба да се изврши, доколку тие исполнуваат разумни формални барања и се применуваат доследно во согласност со принципите на конвенцијата.
Советот на Европа бара одговори до 16 декември
Стразбур ги покани властите на Бугарија да обезбедат конкретна и детална анализа на примената на формалните услови за регистрација како што се применуваат во постапките за здруженија апликанти и слични здруженија, како и за регистрација на здруженија поопшто и да дадат примери на правилни документи за регистрација.
На Бугарија ѝ се остава повторно време да даде информации за сите горенаведени прашања до 16 декември 2024 година, земајќи ги предвид аспектите идентификувани во анализата на Секретаријатот, и да одлучат да продолжат со разгледувањето на овие случаи на нивниот состанок од март 2025 година (ДХ).
Комитетот на министрите се декларира подготвен, во отсуство на видлив напредок во однос на аспектите идентификувани погоре и барем конкретни резултати на работната група за идентификуваните аспекти, да ја разгледа, при следното испитување на овие случаи, потребата веднаш да се усвојуваат нови мерки насочени кон зајакнување на нивниот политички дијалог и соработка со бугарските власти со цел да се обезбеди ефективно извршување на овие пресуди.
Овие благи ставови кон Софија, според нашите соговорници во Стразбур, само ја поткопуваат ефективноста на пресудите на Европскиот суд за човекови права, особено кога тоа се прави од една земја членка на ЕУ. Истата таа земја – Бугарија, од друга страна бара од една земја кандидат – Македонија, да го смени својот Устав, за да го вметне во него бугарското малцинство, кое до пред неколку години никој не го споменуваше во извештаите на различните тела на Советот на Европа и ЕУ. Но наеднаш, по еден добро замислен инженеринг од Софија, поддржан поради различни интереси од земјите членки на ЕУ, да се наметне како нов услов за Македонија за да продолжи на патот што води до членство во ЕУ. Македонија може да го смени Уставот, но бугарските политичари велат дека Бугарија не може да признае малцинство, особено не македонското, бидејќи таков им бил Уставот и нацијата била неделива.