Фото: Дмитриј Песков/ твитер

Кремљ соопшти дека прекинот во мировните преговори меѓу Русија, Украина и САД е привремен и условен од тековните околности.

– Станува збор за ситуациска пауза, настаната од очигледни причини – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на прашања за времетраењето на застојот.

Тој изрази очекување разговорите да продолжат штом трите страни се усогласат околу нов распоред, особено кога САД ќе можат „да посветат поголемо внимание“ на војната во Украина.

Во изјава за весникот Известија, Песков потврди дека во моментов паралелно функционираат различни формати на ангажман.

– Две групи работат одделно, со различни цели. Кирил Дмитриев ја продолжува својата работа, додека трипартитната група е на пауза – рече тој.

Песков додаде дека Русија ќе продолжи да соработува со Украина во размена на заробеници и тела на загинати војници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ја потврди паузата, посочувајќи дека причините се поврзани со ситуацијата во Иран, пренесе МИА.

Русија, Украина и САД досега одржаа три рунди преговори – во јануари, почетокот на февруари и средината на февруари, во Абу Даби и Женева.