Главниот преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими отпатувал попладнево за Брисел на нова рунда преговори со српскиот главен преговарач, Петар Петковиќ, во обид да се најде решение за кризата предизвикана од напуштањето на косовските институции од страна на припадниците на српската етничка заедница во северно Косово.
Косовските медиуми ја објавија информацијата повикувајќи се на изјава на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Хозеп Борел, кој оцени дека моментната криза во односите меѓу Косово и Србија е „најсериозната и најопасната криза“ во последната деценија.
– Можам да речам дека се соочуваме со најсериозната и најопасната криза од 2013 година, во последните 10 години. Двете страни треба да најдат начин за да се запрат овие тензии – изјави Борел.
Тој најави дека, доколку косовскиот вицпремиер, Бислими и шефот на српската Канцеларија за Косово, Петковиќ постигнат некаков напредок, тогаш ќе се организира средба во Брисел на косовскиот премиер, Албин Курти со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Главните преговарачи ќе започнат да работат тука во Брисел за наредните чекори. Тие ќе ја започнат работата вечерва… Подготвен сум да ги состанам лидерите доколку преговарачите успеат да најдат решение пред рокот од 21 ноември – изјави Борел.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовските Срби ги напуштија државните и локалните институции во Косово откако владата во Приштина одлучи да спроведува санкции за оние кои нема да ги заменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.
Од почетокот на месецов органите на редот им изрекуваат укори на лицата кои не ги промениле табличките, а од 21 ноември, според одлуката на владата на Курти, ќе почнат да се изрекуваат парични казни. Оваа мерка е предвидено да трае до 21 април, кога ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.
Претставници на косовските Срби најавија дека, во моментот кога ќе почнуваат да се изрекуваат казни, ќе започне „жесток отпор“ против властите во Приштина.