ЕКСПЛОЗИВНА АТМОСФЕРА ВО ПРЕСРЕТ НА ИЗБОРИТЕ ВО ФРАНЦИЈА
Вестите за физички напади во заднината на кампањата за предвремените парламентарни избори во Франција се акумулираат, проследени со ослободување расистички и хомофобичен говор. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин во петокот изутрина на БФМТВ објави дека за време на оваа „кратка“ кампања биле забележани 51 физички напад врз кандидати, пратеници или активисти. „Имаше повеќе од триесет апсења од многу различни профили“, појасни министерот во заминување
Тони Гламчевски, дописник
на „Нова Македонија“ од Стразбур
Документираните фото и видеоматеријали од инцидентите во пресрет на предвремените парламентарни избори во Франција се крајно насилни. Издвојуваме еден од нив…
…Звукот е многу гласен: тап удар од черепот на Мурад, кој удира во вратата од зградата, додека паѓаат удари врз неговата глава. Неколку минути претходно, во 22.45 часот, оваа среда, на 26 јуни, 37-годишниот маж (кој побарал анонимност), кој живее во Цеси (Аин), излегол на својот балкон за да се обиде да ги смири пијаните лица на улицата. Но тонот се зголемува: „Слезете ако сте маж“. Мурад слегува, а во меѓувреме летаат расистички навреди: „Валкано копиле“, „Ние сме дома, ти не си дома. Јас сум Французин, дома сум“, извикува едно од лицата на улица.
На насилните зборови се надоврзуваат и гестови, при момент на невнимание од страна на триесетгодишникот. „Јас дојдов на овој свет пред нив. Јас сум Французин подолго од нив“, вели пркосно Мурад, роден во Франција од родители Тунижани. Минатиот понеделник, 1 јули, напаѓачите, двајца мажи на возраст од 25 години, на кои им се судеше по кратка постапка, беа осудени на три години затвор за расистичко насилство од страна на кривичниот суд во Бург-ен-Брес.
Во последните недели, во многу запаливиот контекст на европските избори на кои победи Националниот собир (РН) на 9 јуни и можната победа на екстремно десничарската партија во вториот круг од парламентарните избори на 7 јули, приказните за напади се акумулираа во заднината на ослободувањето расистички и хомофобичен говор. Во Авињон беше запалена пекарница, а на нејзините ѕидови беа испишани зборовите „негро“, „ПД“, „излези“, насочени кон младиот 17-годишен чирак со потекло од Брегот на Слоновата Коска што работи во пекарницата.
„Франција се промени по 9 јуни“
На социјалните мрежи се појавија и расистички навреди насочени кон Дивин Кинкела, негувателка, веднаш по емисијата „Енвоје специјал“, од нејзините соседи, кои гласаа за РН, во секвенца емитувана на 20 јуни. Коментари што Марин Ле Пен не ги осуди, претпочитајќи да ја нападне емисијата, во напис објавен на 22 јуни во дневниот весник „Ла Воуа ди Норд“, велејќи дека тоа е „ултраполитизирана и ултралевичарска емисија“.
Во Париз на 12 јуни четворица ултрадесничарски активисти беа осудени за учество во хомофобичен напад ноќта по резултатите од европските избори. „Се надеваме дека за три недели ќе можеме да ја кршиме ПД колку сакаме“; „Ќе видите кога Бардела ќе биде на власт“, изјавиле тие по нивното апсење, според „Либерасион“.
Засега е невозможно да се измери феноменот на еволуцијата на овие напади, кои веќе долги години постојат во Франција. Особено редовните физички пресметки меѓу антифашистите и крајно десничарските групи. За париски „Ле монд“ службите на француското МВР се повикаа на извештаите од 2023 година и посочија дека немаат „понови податоци“ за процена на состојбата. Меѓутоа, неколку сведоштва сугерираат дека ксенофобичните и расистички говори стануваат сè понезадржливи и многу послободни.
„Има пораки и пред и по 9 јуни (датумот на објавувањето на распуштањето)“, уверува новинарот Мохамед Бухаф во емисија на францускиот јавен сервис Франс 5, кој е навредуван на социјалните мрежи. „Оттогаш тоа се континуирани пораки, четири-пет пати на ден. Порано тоа се случуваше еднаш месечно“, објаснува тој.
Други лица од малцинствата можат да сведочат за промена по европските избори. Пред неколку дена, за време на состанокот на кој присуствуваше Сока Оливие, 36-годишна француско-сенегалска учителка во медицинско-образовен институт во Поморски Шарант, неколку нејзини колеги почнале да потпевнуваат „Бардела! Бардела!“, смеејќи се пред неа. „Од крајот на мај, работите одат во крешчендо. Нема веќе комплекси, луѓето кажуваат што сакаат. Некои јасно покажуваат дека повеќе не сакаат да бидам таму“, се жали таа за париски „Ле монд“.
„Ќе те убијам, ќе те масакрирам“
На почетокот на јуни синот на Бинета (луѓето цитирани во весникот со нивното име бараа анонимност) се вратил дома од училиште и изгледал вознемирено. „Не, не враќај се, земи си ги работите и врати се во твојата земја“, му рекол пријател од колеџот во Сарт на излегување од соблекувалната за време на часовите по спорт. Истото тоа дете, наводно, друг ученик нарекло „валкан макак“, според Бинета. „Тоа дете се дружеше со мојот син на почетокот на годината. Но во последно време тој е целосно променет. Тоа е она што ме загрижува“, вели оваа асистентка во фондацијата „Да се дејствува против исклучувањето од општеството“.
Некои напаѓачи јасно кажуваат дека го дале својот глас и дека ја прифаќаат програмата на РН. На 25 јуни возач намерно удри во возач на автобус по расправија. „Доста ми е од луѓе како тебе. Гласам за РН, ќе те убијам, ќе те масакрирам, ќе те искоренам“, ѝ се заканил на жртвата пред да премине на дело. Јавното обвинителство на Кретеј за „Монд“ потврдува дека наводниот сторител бил приведен во полиција во петокот, на 28 јуни, и дека постапката „во моментов е во тек, па ќе се донесе одлука“.
На 19 јуни здружението „СОС-расизам“ го доби сведочењето на г-ѓа А. и нејзиниот сопруг, жртви на расистички навреди. „Валкани Арапчиња, ќе ве вратиме на граница… валкана раса, не ти е местото овде, куп дрски копилиња“, изговорија тројца нивни соседи, пред да додадат: „Да живее Земур, да живее Џордан Бардела“. Еден од мажите тогаш наводно го насаска својот питбул, поттикнувајќи го да го нападне тригодишниот син на парот.
„Очигледно нешто се случува“, загрижен е Доминик Сопо, претседател на „СОС-расизам“. „Ќе го видите вашето здружение кога ќе бидеме на власт“, му било речено неодамна. Здружението веќе е вклучено или наскоро ќе биде вклучено во шест жалби поврзани со факти опфатени во медиумите во последните недели. „Некои денеска зборуваат во очекување дека она што претходно беше казнувано од институциите наскоро повеќе нема да биде. Според нивната перцепција, со институциите утре ќе управуваат оние што им кажале дека нивните проблеми потекнуваат од имигрантите и нивните деца, па затоа биле во право што ги нападнале“, анализира Доминик Сопо.
„Се гледаме повторно за три недели“
Истата појава е забележана и при хомофобични напади. На крајот на јуни, медиумот „Паинт“ ја сподели приказната на Антонин на своите социјални мрежи, почнувајќи од мал судир на велосипедска патека едно утро во Пантин (Сена-Сен Дени). „Изгуби се, глупаво педерче. Како и да е, ако ме изнервираш пак, ќе се видиме за три недели и ќе можам да те тепам без никаков проблем“, му се заканувале, според неговото сведочење.
Според одговорно лице од здружението ФЛАГ, кое ги собира гласовите на жртвите од фобијата спрема ЛГБТИ, дефинитивно има пораст (околу 10 отсто) на бројот на пријави во мај и јуни. „Во ’СОЛС хомофобиј’, иако е сè уште рано за статистички анализи, очекуваме пораст на фобијата спрема ЛГБТИ во Франција. Екстремната десница на власт им дава храброст на луѓето што нѐ мразат“, вели загрижено за „Монд“ Баптист Гаро, референт на комисијата за правна поддршка на здружението.
На 22 јуни во книжарницата „Саурампс“ во Монпелје требаше да се одржи „читање на драг-квин“ на детски приказни. Настанот, организиран за време на месецот на гордоста, на крајот беше откажан по десетици навредливи мејлови и исто толку коментари на социјалните мрежи.
„Не мислевме дека ќе падне среде парламентарните избори, во таква напната клима“, се доверува Дејвид Лафарж, директор на книжарницата. Тоа беше прилив на хомофобични навреди, кампања за вознемирување, организирана на Телеграм од групата „Ла лиг де миди“, претставувајќи се како „идентитарци во Окситанија“.
„Големи честитки до активистите што се мобилизираа да спречат читања од ментално болни луѓе што сакаат да ги корумпираат децата“, си честитаа меѓу двете пораки поврзани со парламентарните избори. Локалната мрежа „Внимателни родители“, движење блиско до Ерик Земур, претседател на екстремно десничарската партија Реконкет, исто така повика да се негодува за овој настан.
Во исто време било запалено и поштенско сандаче во книжарницата, но Дејвид Лафарж не знае „дали тоа било поврзано“. Во книжарницата се надеваат дека ќе организираат нов настан околу ЛГБТ+ заедницата, овој пат наменет за возрасни, на почетокот на учебната година во септември. „Кога климата ќе биде помирна“, посакува Дејвид Лафарж. Се чини дека и тој самиот не верува во тоа.
Француското МВР веќе ги забрани собирите во Париз предвидени од антифашистите за недела вечер. Минатата недела брзата интервенција на полицијата спречи да дојде до судир на група антифашисти со група неонацисти во Нанси, но и во други градови во Франција. Во Лион низ градот продефилираа неонацисти со палки и стапови. Климата во Франција е доведена до вжештување и не се исклучени немири по вториот круг на парламентарните избори, без разлика какви ќе бидат резултатите. Изборите и можните немири можат дури и да го загрозат нормалното одржување на Олимписките игри во Париз.
Климата во Франција многу потсетува на таа во САД кога пред четири години приврзаниците на Доналд Трамп тргнаа во освојување на Капитол, незадоволни од изборните резултати. Дали тоа може да се случи и во Франција?
Објавен список на адвокати „што треба да се елиминираат“
Вкупно 98 имиња на адвокати се најдоа на оваа листа објавена на екстремно десничарски сајт, кој повикува да бидат „испратени во јама“.
Во четвртокот вечер 68 адвокати поднесоа жалба до париското обвинителство за „смртни закани кон адвокат“, „сајбер-малтретирање“ и „провокација за извршување кривично дело“, јавија француските медиуми. На тужбите од адвокатите се очекува да бидат додадени и други поплаки.
Новинарката на „Арет сур имаж“, Насира ел Моадем, објави дека била предмет на смртни закани на екстремно десничарски сајт.
Оваа жалба следува по објавувањето во средата, на 3 јули, на списокот на адвокати „што треба да се елиминираат“ на крајно десничарскиот сајт „Резо-либр“. Вкупно 98 имиња, наречени „расколници“, се најдоа во овој напис наречен „(многу делумна) листа на адвокати што треба да се елиминираат“. Авторот на написот повикува „овие адвокати, кои веќе изјавуваат дека не ја почитуваат пресудата на гласачките места во случај на победа на РН, да се испратат“ во јама канал или на стадион.
Токму овој пасус е повод за тужбата. Дополнително уште два други: „Се разбира, овие не се единствените, потребно е да се неутрализира огромното мнозинство на адвокати“, а стравот ќе ја смени страната. Крајно време е работите да се вратат во ред. Друг извадок: „Историјата е повторно вечен почеток, објавуваме список на адвокати што треба да се елиминираат, не сме формално идентификувани, нема да бидеме уапсени и може да бидеме осудени, кому му е гајле!“
Претседателот на адвокатската комора на Париз, Пјер Хофман, рече дека е „длабоко шокиран“ по објавувањето на оваа листа. Што се однесува на министерот за правда Ерик Дупон-Морети, тој го осуди објавувањето „со најголема цврстина“.