Медиуми анализираат за статусот на доларот во светлина на најавените царински тарифи на САД кон остатокот од светот
– Новите царини што американскиот претседател Доналд Трамп постепено ги воведува (запира и зголемува во изминатите десет дена) посеаја можеби најголемa глобална вознемиреност. САД би можеле да бидат субјект на најголемите глобални последици од ова – пишуваат во цела седмица низа угледни аналитичари и медиуми.
Медиумите особен интерес пројавуваат за феноменот на инфлацијата и дали таа ќе биде тангирана од воведувањето на царинските тарифи по 90-те дена, временски период за кој американскиот претседател ги одложи новите царински стапки.
Секако, тука се и опсервациите на аналитичарите и медиумите во врска со американските должнички проблеми, како и проблемите пред кои би бил исправен американскиот долар.
Економист: „Летот од доларот може да ги уништи американските финансии“
Во овој контекст, угледниот „Економист“, во своето издание од 13 април под насловот „Летот од доларот може да ги уништи американските финансии“, меѓу другото, наведува дека „не е толку тешко да се замисли кошмарно сценарио: на пример дека претседателот ќе се согласи на економска манипулација или ќе ги лиши Федералните резерви од нивната независност“.
Всушност, текстот прави алузија, сугерирајќи дека „Трамп сака да ја потчини таа (приватна) институција – Фед, која е задолжена за борба против инфлацијата и „над која висат облаци“ „во најлош момент“. Тоа би можело „на Трамп да му ја олесни оваа задача, која веќе е на суд“.
„Економијата доживеа неколку години брз пораст на цените и се соочува со нов бран поради царините. На 11 април,претседателот на Њујоршката централна банка, Џон Вилијамс, очекуваше инфлацијата годинава да биде помеѓу 3,5 и 4 отсто, додека истражувањето на Универзитетот во Мичиген покажа дека потрошувачите очекуваат цените да се зголемат до 6,7 отсто, најмногу од 1981 година – поради што не е чудно што инвеститорите се загрижени“, се наведува во статијата.
Нестабилноста на пазарот може да предизвика дополнителни корекции на девизниот курс
„На 11 април администрацијата ги ослободи паметните телефони и другата електроника за широка потрошувачка од дополнителни тарифи против Кина. Но, можеби веќе е направена сериозна штета“, се наведува во публикуваниот текст на споменатото издание, потсетувајќи дека во последните години, економистите постојано предупредуваа дека преголемата привилегија на евтиното задолжување ѝ дозволува на Америка да акумулира финансиски систем еднакво претеран како и долгот.
Но, заклучокот од текстот што најмногу го привлекува вниманието е следниот: „Според оваа теорија, тој (доларот) може да пропадне – исто како што златниот стандард пропадна во 1971 година со колапсот на системот на фиксни девизни курсеви во Бретон Вудс. Пред само една недела се чинеше дека ’кралот долар’ сè уште владее со светот и дека неговата моќ е непоколеблива. Но изгледа дека веќе не е така“, тврдат некои од аналитичарите.
Но, другиот дел економски аналитичари не мислат така. Во еден од наредните броеви ќе агрегираме и различни мислења од тоа и за читателите на „Нова Македонија“ ќе ги претставиме на страниците на весникот. Р.С.