Пожар во популарен ноќен клуб во крајбрежниот регион Гоа во Индија усмрти 25 лица, соопштија денеска локалните власти.
Полицијата верува дека експлодиралa плинскa боца во кујната на ноќниот клуб „Бирч“, кој се наоѓа во близина на популарна плажа. Објектот бил преполн со посетители кои дошле да слушаат боливудски диџеј.
Меѓу жртвите се четири лица од исто семејство од Делхи и 21 вработен – соопшти полицијата на Гоа, додавајќи дека повеќето починале од задушување.
Менаџерот на ноќниот клуб е уапсен, а издаден е и налог за апсење на сопственикот.
Гоа е поранешна португалска колонија на Арапското Море. Нејзиниот ноќен живот, песочните плажи и одморалиштата привлекуваат милиони туристи годишно.
Очевидци за „Би-би-си“ опишале сцени на паника во прометната област за ноќен живот.
Еден очевидец рекол дека бил надвор од клубот во вообичаена саботна вечер со туристи кои уживале, кога слушнал вресоци.
– Отпрвин не сфатив што се случува. Набргу стана јасно дека избувнал огромен пожар. Сцените беа навистина ужасни – рече тој.
Иако главниот влез е широк, преминот преку мало езеро што води до главната структура е тесен, а тоа им отежнало на пожарникарите да стигнат до местото.
Дописникот на Би-Би-Си јави дека видел остатоци што изгледаат како стопени столови, маси и растенија во еден агол на клубот.
Локалниот шеф на полицијата, Алок Кумар, рече дека пожарот бил концентриран во кујнскиот простор на приземјето.
Главниот министер на Гоа, Прамод Савант, им изјави на новинарите дека три лица починале од изгореници, додека другите починале од задушување. Шест други се во стабилна состојба во болница.
Официјални лица соопштија дека 20 од загинатите работници биле од индиските држави Џарканд, Утараханд, Махараштра, Асам, Утар Прадеш, Западен Бенгал и Карнатака. Еден работник бил од Непал. Четири од жртвите биле туристи од Делхи, додадоа тие.
Шеф кој работи во близок локал изјави за Би-Би-Си дека познавал некои од работниците во клубот „Бирч“.
„Луѓе од цела земја, а исто така и од Непал, работат во различни клубови во Гоа“, рече тој. „Навистина сум загрижен за некои луѓе што ги познавав во клубот. Нивните телефони се исклучени“.
Покрената е истрага за причината за пожарот, рече главниот министер.
– Оние кои ќе бидат прогласени за одговорни ќе се соочат со најстроги мерки според законот – секоја небрежност ќе биде енергично третирана, додаде Савант.
Индискиот премиер Нарендра Моди го нарече пожарот во Гоа „исклучително тажен“ во објава на социјалните мрежи.
Околу 5,5 милиони туристи ја посетиле Гоа во првата половина на годината, покажаа владините податоци, при што 270.000 дошле од странство.
Некои опозициски политичари изјавија за Би-Би-Си дека се потребни построги регулативи за да се избегнат вакви трагедии. Тие тврдат дека новите клубови се отвораат премногу често и дека владата треба да обезбеди тие да бидат безбедни за посетителите.
Индија беше сведок на голем број смртоносни пожари во објекти за забава во последниве години. Пожар во трикатна зграда усмрти 17 лица во јужниот град Хајдерабад во мај, додека хотелски пожар во североисточна Калкута остави 15 загинати еден месец претходно. Лани, 24 лица загинаа во аркада во забавен парк во западната држава Гуџарат, откако посетителите беа заробени внатре. Подоцна, официјална ревизија покажа дека лошите безбедносни стандарди придонеле за бројот на загинати.

































