Железничкиот сообраќај на дел од најпрометната станица во Шкотска денеска е во прекин, по делумното уривање на зграда која била зафатена од пожар во близина на станицата, што предизвика значителни нарушувања во патувањата на илјадници патници, пренесе „Би-би-си Њус“.
Од железничките власти информираат дека денес нема да сообраќаат возови до или од пероните на високото ниво на станицата Глазгов Централ. Станицата е една од најфреквентните во Велика Британија, со околу 25 милиони патници годишно.
Железничката компанија Аванти Вест Коуст, која управува со линиите меѓу Глазгов и Англија, соопшти дека дел од услугите ќе бидат пренасочени.
Според компанијата, изменетата линија ќе сообраќа до Престон, Карлајл и Мадервел, „овозможувајќи им на патниците да се поврзат со возови до Единбург и локални услуги до областа Глазгов“.
Во меѓувреме, „СкотРејл“ предупреди на значителни прекини во железничкиот сообраќај и ги повика патниците пред патување да ги проверат најновите информации.
































