Лидерите на Европската Унија на состанок во Брисел повикаа на повторно отворање на Ормуската Теснина и прекин на нападите врз енергетската и водоводната инфраструктура на Блискиот Исток.
Во заедничката изјава на Европскиот совет се нагласува потребата од „деескалација и максимална воздржаност“, како и стабилизирање на снабдувањето со енергија. Лидерите изразија загриженост за цивилните жртви и економските последици од конфликтот.
ЕУ, исто така, го повика Иран да ги прекине нападите врз соседните земји и се заложи за засилена меѓународна соработка со цел да се спречат нови бегалски кризи.
Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека борбите мора да запрат, барем привремено, за да се создаде простор за преговори. Белгискиот премиер Барт де Вевер предупреди дека конфликтот дополнително ги зголемува веќе високите цени на енергијата.
Европските лидери ги отфрлија повиците на Доналд Трамп за испраќање воени сили за обезбедување на теснецот. Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека Европа нема да се приклучи на воени операции, додека шефицата на европската дипломатија Каја Калас нагласи дека нема поддршка за проширување на военото присуство.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека евентуално вклучување е можно само со меѓународен мандат и по смирување на состојбата.
Иако ЕУ не е директно вклучена во конфликтот, дел од лидерите изразија разбирање за позициите на САД и Израел, додека други ја оценија војната како дестабилизирачка.
































