Илон Маск / Фото: ЕПА

Петицијата со која се бара одземање на канадското државјанство на милијардерот Илон Маск поради неговите „активности што се против националниот интерес на Канада“ досега доби повеќе од 250.000 потписи.

Како што се наведува во петицијата, сеприсутниот советник на американскиот претседател „сега стана член на странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“, алудирајќи на заканите на Доналд Трамп да ја направи Канада 51-та американска држава, користејќи „економска сила“ за да го анектира својот северен сосед.

Маск, роден во Јужна Африка, сопственик на производителот на електрични возила Тесла, Спејс Икс и компанијата за социјални медиуми Икс, има канадско државјанство преку неговата мајка, Маја Маск, која по потекло е од провинцијата Саскачеван во централна Канада.

Милијардерот, кој е натурализиран како американски државјанин во 2002 година, е задолжен од Трамп да ја намали јавната потрошувачка на федерално ниво во САД.

Како одговор на петицијата, Маск напиша на социјалните мрежи дека „Канада не е ни вистинска земја“.

Тој неодамна во неколку наврати ја критикуваше политиката на канадскиот премиер Џастин Трудо, а во декември го поддржа канадскиот опозиционер Пјер Полиевре, лидер на Конзервативната партија.

Според канадскиот закон, државјанството може да се одземе ако граѓанинот извршил измама, дал лажна изјава или свесно сокрил информации за барање за имиграција или државјанство.