Повеќе од 1.200 лица загинаа, а повеќе од 800 сè уште се водат за исчезнати, се наведува во најновите владини податоци од погодените земји, во катастрофалните поплави и свлечишта предизвикани од посебните бури што минатата недела донесоа обилни и долготрајни врнежи од дожд низ Шри Ланка, голем дел од Суматра и Индонезија, јужен Тајланд и северна Малезија.
Поплавите и лизгањата на земјиштето однесоа најмалку 659 животи на островот Суматра во Индонезија, 181 во Тајланд, 390 луѓе во Шри Ланка и три во Индија, јавуваат американските медиуми.
Спасувачите бараат уште 475 лица кои се водат како исчезнати во Индонезија и 352 во Шри Ланка откако циклонот Дитва и други бури предизвикаа поплави и лизгања на земјиштето во регионот.
Властите на Шри Ланка објавија дека околу 218.000 луѓе се наоѓаат во привремени засолништа по поројните дождови што предизвикаа лизгање на земјиштето, првенствено во централниот ридест регион каде што се одгледува чај.
Железничкиот и воздушниот сообраќај се обновени по прекинот минатата недела, но училиштата се уште се затворени.
Претседателката на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанаџаке, изјави дека циклонот Дитва е „најголемата и најсложена“ природна катастрофа во историјата на земјата.
Истиот циклон донесе дожд и во јужната индиска држава Тамил Наду во текот на изминатиот викенд, а три лица загинаа, соопштија властите.
Во Индонезија, поплавите и лизгањето на земјиштето на островот Суматра оштетија повеќе од 28.000 куќи, а 1,4 милиони лица ги почувствуваа последиците од дождовите донесени од тропската бура што се формираше во Малајскиот теснец, додека речиси 300.000 лица се раселени поради поплавата.
На југот на Тајланд, започна чистењето на улиците и зградите по големите поплави што погодија повеќе од 1,5 милиони домаќинства и 3,9 милиони лица.
Властите треба да обезбедат нова инфраструктура, вклучувајќи вода и електрична енергија.
Тајландскиот премиер Анутин Чарнивиракул изјави дека очекува жителите да можат да се вратат дома во рок од седум дена.



































